Мицкоски: Во Брисел одам за да им кажам колку го боли македонскиот народ

„Не патувам во Брисел да го презентирам планот, сакам да ја пренесам фрустрацијата на македонскиот народ која е огромна.“

Ова утринава го изјави премиерот Христијан Мицкоски пред да отпатува за Брисел со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски кои денеска и утре треба да се сретнат со европските претставници и да разговараат за уставните измени и правното толкување на заклучоците на Eвропскиот совет во кои се наведува дека Македонија нема да продолжи во втората фаза од преговорите за членство без уставни измени за впишување на Бугарите во него.

Премиерот рече дека дека ќе го отвори прашањето за избегнување на билатерализацијата преку институциите на Европската унија. Тој посочи дека на дневен ред ќе биде Планот за раст,  а доколкку стане  збор за евроинтеграцискиот процес ќе ги брани и одбрани македонските национални интереси.

Позицијата на Владата за уставните измени, како што рече, е јасна и сакаме да знаеме дека ако го отпочнеме, како што ни беше ветувано во 2018 година за три, четири, пет години максимум, ќе завршиме тој пат и е бидеме членка на ЕУ.

Одговарајќи на новинарски прашања Мицкоски рече дека Планот за раст е доставен до Европската комисија и во Скопје и во Брисел од страна на македонската Влада  која потенцираше дека подготвила фантастичен документ.

– Први и најквалитетен документ, којшто долги месеци беше во застој. Со формирањето на Владата тоа го поднесовме во канцеларијата на Европската комисија тука во Скопје, а потоа да тоа пристигне во Брисел. Тоа е целта на мојата посета и работен ручен со старо-новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен – рече Мицкоски.

Доколку стане збор за евроинтеграцискиот процес, како што рече, се разбира тој е кој што треба да ги брани и да ги одбрани македонските национални интереси, како што беше и во минатото, кога беше во опозиција, така и сега како Влада.

– Дури сега имаме и повеќе аргументи. Сакаме да ги претставиме аргументите, сакаме фрустрацијата која ја чувствуваат македонските граѓани, да ја пренесеме таму, бидејќи таа е голема, огромна би рекол, бидејќи повеќе од две и половина децении откако го почнавме овој наш пат кон Европската унија, повеќе од деценија и пол откако официјално го добивме првиот позитивен Извештај од страна на Европската комисија за почнување на овие преговори. Ние не сме во можност да почнеме не заради тоа што не ги почитуваме Копенхашките критериуми, не затоа што сме љубители на европските вредности, туку затоа што има вештачки наметнати пречки, коишто ниту еден народ, ниту една држава ги немала, како што ги имаме ние – изјави Мицкоски порачувајќи македонските граѓани  да бидат сигурни  дека ќе се борат и ќе се изборат за македонските национални интереси.

На новинарско прашање дали ставот што го има, околу уставните измени со одложено дејство  може да биде дел и од разговорите во Брисел, Мицкоски со одговор дека не би сакал да коментира, но оти се јасни позициите на Владата по ова прашање.

– Не би сакал да коментирам, позицијата на ВМРО ДПМНЕ, позицијата на Владата е јасна. Мојата позиција е јасна. Доста беа порази, доста беа политики и дипломатија на свиткана кичма и на бакнување на чевли. Сега имаме политика и дипломатија, која што се темели на двонасочна улица. Сакам да зборуваме за вредности, за почитување на човекови права и да знаеме ако го отпочнеме, како што ни беше ветувано во таа 2018 година за три, четири, пет години максимум, ќе го завршиме тој пат и ќе бидеме членка на Европската унија – изјави Мицкоски.

Сè останато, дополни, се приказни и замки на коишто како Влада, а  ниту пак јас како човек имам намера да наседнувам.

Мицкоски присуствуваше на означување почеток на доградба на ОУ „Блаже Конески“ во Општина Аеродром. 

 

18.09.2024 - 14:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега