Иванов: Најмногу се посветив на младите

Mакедонскиот претседател Ѓорѓи Иванов во денешното годишно обраќање во Собранието на Република Македонија истакна дека особено внимание во целиот мандат посветил на младите.

- Посветен сум на создавање иднина за младите, но и млади за иднината. Младите се нашата иднина, а сепак старееме како нација. Како и многу други европски земји, се соочуваме со неповолни демографски движења, рече Иванов.

Подвлече дека младите се нашата иднина, а сепак многумина од нив ја напуштаат татковината. - Како и речиси сите држави од Централна и Источна Европа, и Македонија се соочува со бран на иселување на образовани, квалификувани, талентирани млади луѓе. Не можеме да ја спречиме човековата потрага по среќа, но треба да продолжиме да создадеме услови луѓето таа среќа да ја бараат и да ја наоѓаат тука. Единствен начин да го постигнеме тоа е да посветиме внимание на визиите, желбите и соништата на младите, рече Иванов.

Шефот на македонската држава рече дека на средбите со најдобрите студенти од универзитетите ги охрабрувал да продолжат да вложуваат во личниот и колективниот успех. - Нивните ставови, очекувања и предлози за унапредување на македонскиот високообразовен систем лично им ги пренесов на ректорите на универзитетите во Република Македонија. Со тоа не запре мојот ангажман како претседател, додаде тој.

Потсети дека ги поддржува младите научници, инженери и иноватори. - Ги поддржував сите млади кои имаат отворен ум. Во таа насока посебно ме израдува и го поздравувам основањето на Фондот за иновации и технолошки развој на Република Македонија во кој еден од финансиерите ќе биде и Светската Банка, рече претседателот.

Преку Школата за млади лидери, како што додаде, создаваме посветени млади луѓе кои ќе водат и ќе предводат во сите сегменти на општествениот живот. - Се надевам дека со тоа задржуваме стотини врвни и талентирани млади луѓе да живеат и да работат во Македонија, вели Иванов.

Според него, загрижуваат појавите на меѓуетничка нетрпеливост кај младите. - Секоја генерација е одговорна да го негува и да го пренесува македонскиот модел на соживот. Секоја генерација е должна младите да ги образува со традицијата на македонскиот соживот, традиција од која извира и нашиот демократски систем, истакна Иванов.

Додаде оти низ целиот мандат огромно внимание посвети на промовирање на македонскиот демократски модел, кој е граден со векови, како модел на интеграција без асимилација. - Македонскиот начин на живот во својата основа подразбира создавање простор во нас самите за да го примиме другиот, без да го претопиме или без самите да бидеме претопени во нечиј друг идентитет. Другите култури и религии не се закана за нечиј идентитет, туку потенцијален извор на негово збогатување, нагласи Иванов.

Уверен дека дијалогот и заемното почитување меѓу религиите се неопходни за почитување и за разбирање меѓу верниците, како што рече, имал чести средби со духовните лидери од нашата земја, христијани, муслимани, евреи.

- Водени од нашата традиција на соживот, прифаќање и почитување на различностите, Македонија ја направивме препознатлива како мост на поврзување и преплетување на религиите и цивилизациите, додаде Иванов.

Македонија, како што истакна, е синоним за мајка на многу чеда, кои иако се различни,  сепак се нејзини. - Македонија нè обврзува да ја градиме како татковина посветена кон успешните, солидарна кон сиромашните, грижлива кон помалку среќните, благодарна кон заслужните, вели шефот на македонската држава.

Во своето обраќање побара да бидеме солидарни кон сиромашните и заедно со нив да градиме подобра иднина.

- Постојано истакнувам дека еманципацијата и целосното вклучување на Ромите во македонскиот политички, економски, социјален и културен живот е трајна определба на Македонија, рече Иванов.

Солидарноста кон помалку среќните, како што посочи, нè обврзува да покажеме континуирана грижа за лицата со посебни потреби и особено внимание кон децата со аутизам. Нивното вклучување во општествените и социјалните процеси не е само нивно право, туку и наша институционална и општествено-морална одговорност.

Рече дека со доделување на одликувања и признанија ја изразува благодарноста на Република Македонија на нашите иселеници и спортисти, уметници и научници, на нашите живи, но и паднати херои, на сите оние што се вградиле во колективниот успех на нашата татковина.

Потсети дека активно ги промовира македонската наука и образование. - Во партнерство со високообразовните институции и со МАНУ имавме значајни научноистражувачки проекти со домашни и странски партнери. Овие ангажмани донесоа и лична сатисфакција. Ми беа доделени четири почесни докторати и членство во европската и во Светската академија на науките и уметностите. Тоа е признание за нашата држава, нашето образование и нашата наука, рече македонскиот претседател.

23.12.2013 - 13:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега