Остри критики од сојузниците кон косовската Влада по вчерашната акција во северно Косово
Косовската полиција синоќа спроведе полициска акција на северот на земјата, каде што затвори пет објекти на паралелните општини управувани од властите во Србија, што наиде на остри критики од претставништвата на земјите сојузнички на Косово и од мисијата на Европската унија во Приштина.
Амбасадорите акредитирани во Косово во своите реакции порачаа дека прашањето на паралелните структури на Србија во Косово треба да се реши во рамките на дијалогот Косово-Србија.
Реакција на Амбасадата на САД
Во реакцијата на американската амбасада се наведува дека Владата на САД ја повторува својата загриженост и разочарување од тековните некоординирани активности преземени од страна на Владата на Косово кои продолжуваат да имаат директен и негативен ефект врз припадниците на етничката српска заедница и другите заедници во Косово.
„Прашањата поврзани со структурите поддржани од Србија во Косово треба да се решат преку дијалог олеснет од ЕУ. Оваа акција не беше координирана со ниту еден елемент на меѓународната заедница. САД и нашите меѓународни партнери постојано бараат од Владата на Косово да даде приоритет на координацијата со меѓународната заедница и да не презема еднострани дејствија по прашањата од агендата на дијалогот олеснет од ЕУ. Неуспехот на Владата на Косово да одговори на овие барања одразува реално и растечко влошување на нашето партнерство“, се вели во реакцијата на американската амбасада.
Реакција на ЕУ
„Европската унија е разочарана од континуираниот недостаток на координација со обезбедувачите на безбедноста во Косово и меѓународните партнери.
Денешната операција на косовската полиција против канцелариите поддржани од Србија во Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, спроведена со инструкции на Владата на Косово, ја загрозува кревката безбедносна ситуација на теренот. ЕУЛЕКС веднаш беше распореден за следење на развојот на оваа операција, која не беше координирана со ЕУ и меѓународните партнери.
ЕУ сака да повтори дека Косово е посветено на деескалација. ЕУ постојано го повикува Косово да избегне каква било акција што може негативно да влијае на безбедноста на луѓето на терен. За жал, нашите апели беа игнорирани од Владата на Косово
ЕУ сака да повотори дека актуелната полициска операција против канцелариите поддржани од Србија може да доведе до натамошна ескалација на и онака нестабилната ситуација.
Канцелариите поддржани од Србија се очекува да бидат адресирани и решени во дијалогот олеснет од ЕУ.
Очекуваме дека Косово и Србија ќе ги адресираат и решат отворените прашања меѓу нив во дијалогот олеснет од ЕУ“.
Реакција на амбасадата на Обединетото Кралство
„Акциите кои суштински влијаат на благосостојбата на косовските Срби и другите немнозински заедници бараат внимателна консултација со непоколебливите пријатели и безбедносни партнери на Косово, во контекст на поширокиот дијалог. Денешните акции во северно Косово беа спроведени без ова и ризикуваат да се поттикнар тензии и да влијаат на најранливите“.
Реакција на германскиот амбасадор Јорн Роде
„Информирањето не е консултација. Германија се придружува на американската амбасада во Приштина во изразувањето загриженост и разочарување поради некоординираните акции. Ова мора да се промени. Сакаме да ги укинеме мерките и да продолжиме напред во однос на регионалната и европската интеграција на Косово. Доста со непотребни кризи“.
Реакција на францускиот амбасадор Оливер Гуеро
„Не се добредојдени дејствијата кои имаат штетно и неселективно влијание врз припадниците на заедницата, во овој случај на припадниците на српската заедница. Едностраноста не носи трајни решенија“.
Соопштението на косовската полиција по завршувањето на акцијата
Полициската операција спроведена на северот на Косово заврши со прекин на нелегалните активности и затворање на пет објекти на нелегални општини на северот на Косово, како што се:
– Округ Косовска Митровица,
– Нелегална општина Митровица,
– Нелегална општина Звечан,
– Нелегална комуна Зубин Поток и
– Нелегална општина Лепосавиќ.
Како материјални докази, одземена е документација, технолошка опрема и релевантни докази поврзани со незаконски дејствија, извршени од нелегални структури во овие објекти.
Исто така, косовската полиција при извршување на полициските задачи во посебна акција во придружни објекти на болницата во Северна Митровица, при контрола пронајде и одзеде: војничка јакна, чанта за рамо, неколку куршуми со рамки, два ножа и обвивка/футрола за ловечко оружје.
Целата полициска акција беше спроведена во соработка и координација со органите на правдата, а заврши во вечерните часови без некој сериозен инцидент или случај, додека натамошните истражни постапки ќе продолжат од страна на надлежните полициски единици по овластување на надлежното обвинителство.
Одржувањето на јавниот ред и безбедност, спроведувањето на одлуките на институциите и законот на професионален, ефективен и ефикасен начин, како и обезбедување безбедност за сите граѓани без разлика, останува должност и континуирана заложба на косовската полиција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа