Мицкоски и Гренел разговараа за зајакнување на соработката меѓу Македонија и САД
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, придружуван од министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, остварија средба со поранешниот директор за национално разузнавање на САД, Ричард Гренел.
На средбата се дискутираше за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, при што беше истакнато значењето на одржување на мирот, безбедноста, стабилноста и продлабочување на односите и соработката меѓу државите во овој дел од Европа. Посебен акцент беше ставен на односите помеѓу САД и Република Северна Македонија, како и на можностите за нивно дополнително зајакнување.
Во текот на средбата се анализираа можностите за искористување на потенцијалите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот. Во наведениот контекст беше разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“, кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, изрази посебна благодарност до г-дин Гренел за неговата посветеност во градењето на севкупните односи помеѓу двете земји. При тоа истакна дека Владата останува силно посветена кон продлабочување на стратешката соработка, со особено внимание во областите на владеење на правото, економијата и енергетиката.
14.08.2024 - 13:53
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа