Ахмети: Македонците може да напредуваат само во добри односи со Албанците
Европскиот фронт по повод 23-годишнината од Охридскиот мировен договор денеска организира Академија за легитимитет на која ја претстави својата предлог политичка платформа, составена од мерки „кои ќе го зачуваат и рефлектираат мултиетничкиот карактер на државата за да се обезбеди правилна имплементација на договорот“. Во основата на овие мерки е „Влада со етнички легитимитет“, која го зајакнува Охридскиот договор и уставниот поредок на државата.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, навраќајќи се на минатото и, како што рече болната историја, порача дека денеска е многу значаен ден за сите заедници, помали заедници кои живеат во Република Северна Македонија.
- Сите треба да обрнат внимание кога се гази легитимноста, кога се врши мајоризација и се прават навреди кон Албанците и другите заедници во оваа земја, сите треба убаво да размислат затоа што ние немаме потреба да ни се повтори минатото... Да чујат сите тие од ова одбележување и кои мислат дека нам Албанците можат да не поделат на добри Албанци и лоши Албанци. Ние од Фронтот сме лошите Албанци кои бараме правдина. Ние нема да бидеме аргати на никого, без разлика ако некој мисли дека е ага во оваа земја, а другите се негови слуги, нагласи Ахмети.
Оваа држава, според Ахемти, ќе оди напред со добри меѓуетнички односи пред се помеѓу Македонците и Албанците.
- Македонците како народ, нација, може да напредуваат само во комуникација и усогласеност и во добри односи со Албанците. Инаку, ќе ги проголтаат Србите, Бугарите и Грците. Ова не ви го велам само на вас, туку и на сите други македонски политички претставници. Со соживот, со соработка можеме да ги зачуваме историјата, идентитетот, може да го зачуваат нивниот национален идентитет, инаку нивната судбина е воопшто да не постојат, изјави Ахмети.
Одбележувањето на 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор, според Ахмети, има посебна одлика за оваа држава која не се подели затоа што „се согласи на рамноправност“ и „затоа ние ја штитиме и се бориме за овој договор, кој е спас и за Албанците и за Македонците како две најголеми заедници“.
-Имотот на кој мислеа во деведесеттите години нека го заборават затоа што сопственици сме заедно и заедно ќе излеземе на крај и за добро и за лошо. Но, во ваква состојба кога има драматични и опасни движења во Европа, не многу далеку од нас, навистина сите треба да размислуваме...Ние ја немаме комотноста за да правиме политики и да ги отстраниме легитимноста и гласањето на сите Албанци. Кои се тие од Влен што ја направија оваа фатална грешка, да газат врз легитимноста на својот народ, изјави Ахмети.
Историјата, нагласи тој, не заборава и „Европскиот фронт“ нема да запре во заштита на легитимноста и за таа цел, како што најави „ќе дискутираме и правиме консултации со професионалци, експерти домашни и меѓународни кои се однесува и со самото изготвување на Охридскиот рамковен договор“.
-Браќа и срестри овој момент нека ни послужи за мобилизација затоа што ние сме победници, затоа што ние сме правдата. Никогаш не сме работеле позади грб на народот и на никого не сме погрешиле. Без никакво размислување ќе продолжиме со работа затоа што годините се привремени, иднината ви следува на вас кои за 23 години сте биле навистина чувари на еден Рамковен договор, кој е постигнат со крв не само со борците, туку и со крваа на претходните генерации. Ние сме господари на гордоста, на националната гордост и на државотворноста на нашата Република затоа што ние не гледаме друга иднина, некаде на друго место, затоа што не сме дојдени од некоја друга далечна земја, но генерациски заедно под Сонцето сме на простори и судбината на оваа земја ќе ја поделиме заедно со македонската заедница и заедно ќе бидеме посилни, порача Ахмети.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа