Солидарност меѓу соседите: Србија подготвена да испрати хеликоптери за гасење пожари во Македонија
Хеликоптерската единица при Секторот за вонредни ситуации на МВР на Србија е во состојба на пoдготвеност 24 часа и доколку има потреба веднаш дополнително ќе испрати воздухоплови во Северна Македонија за гаснење на пожари, јави дописникот на МИА од Белград.
Србија меѓу првите одговори со помош и во јули прв пат во странство го испрати еден од најдобрите свои хеликоптери, рускиот Камов Ка-32.
-Македонија преку механизмот за цивилна заштита упати апел за помош во борбата со огнената стихија што настапи на повеќе локации во краток временски период. Поради добрата пракса и искуствата од минатите година, а со цел негување на добрососедските односи на двете држави, Србија беше една од првите кои одговрија. Досега три хеликоптерски единици учествувуваа во гаснењето пожари во Северна Македонија. Првиот хеликоптер беше Камов Ка-32 со капацитет од 5 тони вода кој за прв пат беше испратен во странство, вториот хеликоптер што го испративме на апел на претседателот Александар Вучиќ беше Бел-212, а во моментов на гаснењето пожар кај Охрид се уште се наоѓа Супер Пума. Досега сите тие исфрлија над 350 тони вода со налет на хеликоптерите од над 72 часа летање, изјави Ненад Недиќ командант на Хеликоптерската единица на МВР на Србија.
Србија е подготвена веднаш дополнително да испрати хеликоптер со тројца пилоти и 4 воздухопловни механичари и припадник на Секторот за вонредни ситуации за координација во гаснењето пожар.
-Ние и понатаму се наоѓаме во состојба на приправност, екипажите се подготвени и доколку пристигне барање и потреба од Северна Македонија ние веднаш ќе реагираме и ќе ја дадеме сета потребна помош и ќе упатиме дополнителни сили, изјави Ненад Недиќ.
Српските хеликоптери покрај околината на Охрид досега учествуваа во гаснењето пожари и кај струмичко Ново Село, на планината Серта во загрозената област во општините Неготино, Конче и Штип, околината на Пробиштип и Свети Николе и кај Старо Нагоричане.
Како што истакнаа од Хеликоптерската единица на МВР на Србија, нивниот ангажман не е само борба против огнената стихија, туку и за солидарност и помош меѓу соседите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа