ВЛЕН: Пријавата кон Бектеши е потврда за корумпирано минато на ДУИ

 

Коалицијата ВЛЕН ја поздравува и поддржува секоја активност која има за цел зајакнување на правото и редот во Северна Македонија. Веруваме дека гонењето на незаконските дејства и корупцијата е клучно за обезбедување на правичен и равноправен систем за сите граѓани, велат од оваа коалиција.

Според нив, последната кривична пријава против поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, за “опструкција на правдата”, која се сомнева дека е извршена еден ден пред парламентарните избори, јасно и недвосмислено покажува дека партијата од која потекнува Бектеши била дел од октопод на криминал, корупција и крадење на гласовите. 

„Овој случај е силна потврда дека долгогодишното владеење на партијата на Бектеши донело не само крадење од граѓаните, туку и невиден притисок врз Албанците за да го изразат својата слободна волја преку гласање.

Коалицијата ВЛЕН секогаш ќе се залага за владеењето на правото, а никогаш за политички реваншизам. Затоа, ги повикуваме правосудните органи преку правилна и правична постапка предметното лице да ја докаже својата невиност или да се докаже неговата вина во зависност од доказите“, потенцираат од коалицијата.

 
30.07.2024 - 10:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега