Мицкоски за пренамена на средствaта за Коридорот 8: Жалам што Бугарија за внатрешно - политички потреби прави политика од сето ова
Станува збор во прва фаза 360 милиони се пари на македонските даночни обврзници и 200 милиони на европските даночни обврзници. Во тендерската документација стои дека принципот на изработка на проектот е по жолт фидик, а тоа значи дека сумата, буџетот кој е определен е буџет за реализација на овој проект и дека не се предвидува дополнителни пенали или дополнителни работи. Но тоа не е така бидејќи двете страни потоа во тендерската документацијата стои дека изведувачот има право на пенали и на дополнителни работи. Што значи дека е практично црвен фидик, па многу лесно проектот може да дојде до 750, 800 милиони евра. Ова го кажувам како инженер не како премиер, тоа ќе подразбира минимум 500 милиони евра пари од буџетот, од граѓаните и 200 милиони евра пари на европските даночни обврзници за 24 километри, 22 тунели кои што ќе завршат на пола тунел во слепа улица без да знаеме што ќе се случува од бугарска страна, бидејќи таму нема јасен проект дали тунелот ќе продолжи, вели Мицкоски на новинарско прашање по презентацијата на новите шест лесни оклопни возила JLTV во касарната „Јане Сандански“ во Штип.
Во однос на намерата за пренамена на средствата од заемот од Европската банка за обнова и развој и од ЕИБ земен од претходната Влада, за изградба на пругата кон Бугарија, која завршува во тунел, тој очекува разбирање од кредиторите.
-Ние сега велиме дајте луѓе да го направиме ова како треба да лечиме потоа, наместо да превенираме. Среќа што се случи промената па можеме се уште да превенираме, па велиме дајте да го видиме проектот од бугарска страна - нема таков. Дајте тој да го направиме, зошто на пола тунел да завршуваме, дајте да завршиме да биде навистина континуитет до Црното Море, како што предвидува стратешкиот коридор, стратешки и за НАТО Алијансата од Црното Море преку Бугарија, од кај нас, Албанија до Италија. Ајде да биде како што треба и мислам дека ќе наидеме на разбирање. Јас не правам политика од ова како што тоа го прават кај нашиот источен сосед. Жалам што повторно за нивни внатрешно - политички потреби тие прават политика од сето ова. Ова е инженерски проблем, нема врска со политика. Сакаме да го направиме Коридорот 8, прв сум за тоа, но да биде како што треба. Неодговорно е да влеземе во авантура во која што не се знае дали ќе има крај и кога ќе биде крајот. Не сакаме да ни случи новиот автопат Охрид – Кичево само сега во овие 24 километри, рече меѓу другото Мицкоски.
Мануел Сарацин, специјалниот германски пратеник за Западен Балкан минатата недела во изјава за бугарски медиум искоментира дека европскиот транспортен Коридор 8 е од стратешко значење за регионот, но оти според него, новата влада во Скопје неделава покажала оти изгубила интерес за негово спроведување и дека наместо овој коридор, во Скопје се дало приоритет на Коридорот 10.
-Лично верувам дека не е во надлежност на една земја да ги менува европските приоритети во транспортната политика. Ова е долг и комплициран процес со многу различни договори. За време на моите разговори во Софија, разбрав дека Бугарија е збунета, но и загрижена од ова барање на Скопје. Изградбата на Коридорот 8 секако е од стратешко значење, вели Сарацин.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа