Стефковски: Гази Баба се гради, а Скопје е заложник на неспособноста на Данела Арсовска

 

За жал соработка со Град Скопје не постои, изјави градоначалникот на Гази Баба во интервју за Прес 24. 

„Ние како општини сме соочени со една асурдна ситуација во која од една страна градот нема слух за проблемите со кои се соочуваме, односно не превзема никаква активност за нивно надминување, а друга страна немаме право самостојно да делуваме и да ги решиме тие проблеми. Едноставно имаме комплетно нефункционален град и јавни претпријатија. Изминатиот период секојдневно ме контактираат вработени во јавните претпријатија кои се под градот Скопје и споделуваат информации кои се навистина загрижувачки. Во ЈП Комунална хигиена голем дел од возниот парк е нефункционален, а последица на тоа е по неколку недели кантите да стојат полни на улиците, а Скопје да наликува на една голема депонија“, изјави Стефковски за Прес24.

Тој додава дека вработените во ЈП Дрисла пред два дена ја примија платата која им доцнеше скоро цел месец.

Во интервјуто потенцира дека немал никаков контакт со градоначалничката Данела Арсовска. 

ПРЕС24: Две и половина години сте градоначалник на општина Гази Баба. Дали успеавте да ги решите проблемите кои ги затекнавте во 2021 година?

СТЕФКОВСКИ: Она на што најмногу се горд е тоа што општина Гази Баба ја направивме отворена општина во која одлучуваат граѓаните. Кога дојдов за градоначалник, затекнав затворена општина во која одлучуваа неколку моќници водени од своите бизнис интереси. Успеавме да ставиме крај и на дивеењето на урбаната мафија низ општина Гази Баба, целата јавност виде како заврши обидот на поединци да градат дивоградба во Инџиково на местото на кое ќе се гради нова детска градинка. Ниту заканите, ниту притисоците не ме поколебаа, дивоградбата ја урнавме. Што се однесува до проектите, изминатите две и половина години реализирани се повеќе од 500 нови проекти. Нема населено место во кое не е реализиран нов проект, а како локална самоуправа не сме глуви за барањата на граѓаните, туку напротив постапуваме брзо и ефективно во насока на решавање на секој еден проблем со кој се соочува нашиот народ. Така е од првиот ден на мојот мандат и така ќе биде се до крајот. Јас сум тука за да му служам на мојот народ.

ПРЕС24: Неодамна започнавте со изградба на нова детска градинка во Трубарево. Во изборната програма ветивте изградба на четири детски градинки. Што се случува со останатите три?

СТЕФКОВСКИ: Среќен сум што успеавме да го реализираме децениското барање на жителите од Трубарево, а тоа е изградбата на нова детска градинка. Точно знам што е напишано во изборната програма, бидејќи истата е дел од мојата секојдневна работа. Во изминатиот период посветено работевме на подготовката на урбанистичко – планската и проектна документација за изградба на нови детски градинки и со задоволство можам да кажам дека успеавме. Комплетно е завршена документацијата за изградбата на детската градинка во Инџиково и на потегот помеѓу Керамидница и Маџари и очекувам за нивната изградба да обезбедиме средства преку Владата. Што се однесува до четвртата градинка во Сингелиќ за истата имаме разговарано и во периодот пред нас ќе работиме на подготовката на документацијата за што ќе побараме поддршка од Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани. Изградбата на новите детски градинки е уште еден доказ за нашата сериозна посветеност кон реализацијата на барањата на граѓаните.

ПРЕС24: До каде сте со реализацијата на изборната програма со која го добивте мандатот од граѓаните?

СТЕФКОВСКИ: Изборната програма е своевиден договор кој јас го имам склучено со граѓаните. Излегов на избори, понудив програма и граѓаните ми ја дадоа довербата. Изборната програма ја преточив во програма за работа на општина Гази Баба и истата во изминатите две и половина години е 80% реализирана. Оној процент кој останува ќе го реализираме во периодот пред нас. Она што сакам да го нагласам, а е многу важно е тоа дека имаме реализирано повеќе од 300 проекти кои не беа ветени во изборната програма што е доказ за тоа дека ги слушаме граѓаните и тековно ги решаваме проблемите.

ПРЕСС24: Република Македонија доби нова Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, партија на која и Вие припаѓате. Кои се Вашите очекувања од новата Влада?

СТЕФКОВСКИ: ВМРО-ДПМНЕ за време на парламентарните избори излезе со програма наречена “Платформа 1198” во која се наведени 1198 проекти. Граѓаните на Република Македонија во огромно мнозинство излегоа и дадоа поддршка на оваа програма. Ако погледнеме наназад во првите 30 денови од работата на Владата ќе видиме одговорна и посветена работа од првиот ден. Нови инвестиции, покачување на пензиите, укинување на непродуктивните трошоци, инвестиции во здравството се првите чекори на новата Влада. Очекувањата на граѓаните се големи и верувам во премиерот Мицкоски, министрите и тимовите во институциите дека ќе ги реализираат ветувањата кои ги дадовме пред граѓаните, а за кои народот ни ја даде довербата.

ПРЕС24: Во Собранието е во тек расправа по однос на ребалансот на буџетот. Една од поголемите промени во буџетот е обезбедувањето на финансиска поддршка за реализација на проекти во општините. Како градоначалник на една од најголемите скопски општини, што овој проект ќе значи за Вас и општо за општините?

СТЕФКОВСКИ: Финансиската поддршка од 250 милиони евра за општините е еден многу важен и значаен проект кој ќе значи сериозен ветер во грб за сите општини во Република Македонија. Ние како локална самоуправа имаме ограничени буџети, а реализацијата на капиталните проекти самата по себе бара сериозни финансиски средства и тоа е причината поради која многу од општините се соочуваат со децениски проблеми. Јас имав можност во првата година од мандатот да бидам и претседател на Советот за развој на скопскиот плански регион во кој членуваат градот Скопје, општините во градот Скопје, како и Петровец, Илинден, Студеничани, Чучер Сандево и Арачиново. Најголем дел од овие општини се соочуваат со недостаток на фекални и водоводни системи посебно во руралните населени места, неасфалтирани улици, недостаток на капацитет за сместување на дечиња во детските градинки и слично. Силно верувам дека со финансиската поддршка од Владата за неколку години од денес нема повеќе да се зборува за вакви проблеми кои не се за 21 век. Јас ја користам и оваа прилика да ја изразам мојата благодарност до претседателот на Владата Христијан Мицкоски за реализацијата на овој проект што претставува доказ дека Македонија доби Влада која се грижи за својот народ.

ПРЕС24: Скопските општини во повеќе области имаат споделена надлежност со градот Скопје. Како оди соработката со градската администрација?

СТЕФКОВСКИ: За жал соработка не постои. Ние како општини сме соочени со една асурдна ситуација во која од една страна градот нема слух за проблемите со кои се соочуваме, односно не превзема никаква активност за нивно надминување, а друга страна немаме право самостојно да делуваме и да ги решиме тие проблеми. Едноставно имаме комплетно нефункционален град и јавни претпријатија. Изминатиот период секојдневно ме контактираат вработени во јавните претпријатија кои се под градот Скопје и споделуваат информации кои се навистина загрижувачки. Во ЈП Комунална хигиена голем дел од возниот парк е нефункционален, а последица на тоа е по неколку недели кантите да стојат полни на улиците, а Скопје да наликува на една голема депонија.

Вработените во ЈП Дрисла пред два дена ја примија платата која им доцнеше скоро цел месец. ЈП Водовод и канализација се соочува со сериозни проблеми во функционирањето како никогаш во својата историја и истото се случува во сите јавни претпријатија и ова се информации кои ги споделуваат вработените за кои менаџментот на градот нема никаков слух.

ПРЕС24: Дали може да заклучиме дека немате никаков контакт со градоначалничката Данела Арсовска?

СТЕФКОВСКИ: Да, немаме никаков контакт.

ПРЕС24: Надвор од политиката, како би ја оцениле Вашата работа како градоначалник на општина Гази Баба и работата на градоначалничката на градот Скопје Данела Арсовска?

СТЕФКОВСКИ: Изминатите две и половина години во општина Гази Баба се реализираа проекти како никогаш досега за толку краток период. Нема област од општественото живеење во која локалната самоуправа нема реализирано проект од свои средства без никаква поддршка од централната власт која замина по парламентарните избори.

Асфалтирани се улици на површина од над 35.000 метри квадратни, изградена е фекална канализација во должина од 25 километри, изградени се 23 спортски терени, изградени и реконструирани се 52 детски забавни катчиња, 5 терени на вештачка трева, 4 фитнес зони, нова сала во Стајковци, нова сала во Булачани, спортски комплекс во Стајковци и Хиподром, бесплатни униформи за 6800 ученици, по основ на субвенции кај граѓаните вратени се над 15.000.000 денари и уште многу други проекти. Кога сето ова ќе имам пред себе како отчет за тоа што се е сработено, без воопшто да размислувам ќе кажам дека сум задоволен од тоа како работи општина Гази Баба во изминатите две и половина години, а истовремено ќе кажам дека да, има уште многу проекти кои треба и ќе се реализираат во периодот пред нас.

Што се однесува до градоначалничката Данела Арсовска заклучокот е изневерена доверба, изгубени очекувања и проекти кои останаа слово запишано на хартија кои не ја видоа светлината на денот. Да заклучам Гази Баба се гради, а Скопје е заложник на неспособноста на Данела Арсовска.

ПРЕС24: Во објава на својата страна на фејсбук на 09 Мај, еден ден по оддржувањето на парламентарните избори напишавте: “Време е Скопје да се врати на Скопјани”. Која е Вашата порака до Скопјани со оваа реченица?

СТЕФКОВСКИ: На парламентарните избори кои се оддржаа на 8 Мај, Данела Аровска беше носител на кандидатска листа за пратеници и освои на ниво на Скопје околу 3000 гласови, односно 115.000 гласови помалку од локалните избори во 2021 година. Што тоа значи? Легитимитетот е комплетно загубен, бидејќи ние како политичари сме избрани од граѓаните кои согласно Уставот го имаат суверенитетот и ја носат одлуката на избори, а жителите на Скопје и дадоа црвен картон на Арсовска. Во една таква состојба има само еден чекор, а тоа е оставка. Имајќи предвид дека Данела Арсовска на 8 Мај не излезе во јавноста и не поднесе оставка, одлучив да побарам нејзина оставка. Фразата “Време е Скопје да се врати на Скопјани” произлегува од резултатот на изборите. Скопје од 8 Мај па се до денес е заложник на Данела Арсовска, бидејќи таа го нема кредибилитетот од Скопјани за да води нашиот главен град.

ПРЕС24: Следната година ќе се оддржат локалните избори. Општина Гази Баба во минатото често го давала човекот кој го водел Скопје. Дали Бобан Стефковски во 2025 година ќе трча во битката за татко на градот Скопје?

СТЕФКОВСКИ: Пред нас имаме уште повеќе од една година во која треба да реализираме уште многу проекти. Јас во овој момент сум целосно посветен на решавањето на проблемите со кои се соочуваат моите сограѓани. Што се однесува до локалните избори едно е јасно, а тоа е дека следниот градоначалник на градот Скопје ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Јас по природа не сум човек кој бега и се плаши од предизвиците, туку напротив на секој предизвик гледам како на нова можност на дело да покажам дека работите може да се менуваат кон подобро. Ние како генерација на градоначалници во изминатиот период на дело покажавме дека нашите општини се сакаат со дела. Одлуката за тоа кое ќе биде персоналното решение за градоначалник на Скопје ќе зависи од многу фактори. Мислењето на граѓаните, анкетите и партиските органи. Јас силно верувам дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе ја донесе вистинската одлука и по однос на тоа прашање.

ПРЕС24: За крај, дали и колку градоначалничката функција го промени Вашиот приватен живот?

СТЕФКОВСКИ: Одговорноста да се градоначалник на општина Гази Баба претставува сериозен предизвик кој бара целосна посветеност, односно е работа која не познава работно време. Јас сум човек што не ги остава работите за после и утре, туку делува веднаш. Промената во оној приватен дел од животот се однесува најмногу на намалување на слободното време кое сум го имал во минатото. Многу често активности и настани се оддржуваат за време на викендите, а додека за работните денови секогаш се резервирани 10 до 12 часа активна работа во текот на денот. Секое слободно време го посветувам на семејството кое е мојата најсилна поддршка и од срце им благодарам за разбирањето во целиот изминат период, најмногу на сопругата Хилда, а потоа секако и на Марио и Матео.

27.07.2024 - 14:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега