Иселениците повеќе нема да ја одредуваат етничката застапеност во државните институции
Министерот за јавна администрација, Горн Минчев, објави дека се изменети процентите на балансерот, кој од 2022 година ја броеше и дијаспората од пописот.
Тоа значи дека во новата пресметка на балансерот ќе биде вклучен само бројот на резидентното население, според податоците од последниот попис.
Со тоа бројот на Македонци во администрацијата ќе биде од 54,21 на 58,44 проценти, Албанци од 29,52 на 24,30 отсто, Турци од 3,98 на 3,86 проценти, Роми од 2,34 на 2,53 отсто, Срби од 1,18 на 1,30 отсто и Власи од 0,44 на 0,47 проценти.
Во Министерството пристигнати се речиси 120 годишни плана за вработување во институциите од јавниот сектор и од нив само пет се со позитивно мислење.
Министерот Минчев рече дека според процентуалната застапеност во новоформираното министерство, во моментот од 43 до 45 отсто се вработени од етничките заедници, што значи дека балансерот е злоупотребен.
„Тоа е предмет на ревизија. Досегашните анализи укажуваат дека од 100-процентната вработеност, од 18 до 19 отсто ја имаат злоупотребено можноста за искажување припадност на етничката заедница, односно злоупотреба на балансерот“, рече Минчев додавајќи дека се работи за луѓе што се во редовен работен однос и ќе останат на работа.
Пред две недели Минчев најави укинување на балансерот соопштувајќи дека алатката за вработување според националната припадност во државните институции во минатото била предмет на злоупотреби.
Во август 2022 година тогашниот министер Адмирим Алити направи нова пресметка на балансерот, при што процентот на лица што треба да се вработени во државните институции беше пресметан од вкупното население од пописот, што предизвика многубројни реакции. Според Минчев, со тоа Законот за вработените во јавниот сектор не бил почитуван.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа