Светот во неделата ја достигна највисоката температура досега забележана

 

Светот ја достигна највисоката температура досега забележана во неделата, 21 јули, според прелиминарните податоци од „Коперник“, програма на Европската Унија за набљудување на Земјата.

Просечната температура на површината во неделата достигна 17,09 степени, што е малку повисоко од претходниот рекорд забележан во јули минатата година – 17,08 степени.

Во текот на изминатата недела топлотни бранови ги зафатија САД, Европа и Русија, пренесува „Ројтерс“. „Коперник“ потврди за новинската агенција дека се чини оти е соборен минатогодишниот рекорд. Податоците се собираат од 1940 година.

Минатата година Земјата имаше четири рекордни дена по ред, од 3 до 6 јули. Климатските промени, поттикнати првенствено од согорувањето на фосилните горива, доведоа до екстремни горештини на северната хемисфера, пишува „Ројтерс“.

Од јуни 2023 година, секој месец, 13 од нив по ред, планетата бележи рекордно топли месеци во споредба со истите периоди од претходната година, објави „Коперник“. Некои научници веруваат дека 2024 ќе ја надмине 2023 година како најтопла откако се забележани рекордите. Климатските промени и крајот на метеоролошкиот феномен Ел Нино во април годинава дополнително ги зголемија температурите.

23.07.2024 - 15:48

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега