Втор ден Самит на НАТО: Неизвесна средба Мицкоски со Мицотакис

 

Во Вашингтон продолжува Самитот на НАТО, со кој се одбележуваат 75 години од формирањето на Алијансата во 1949 година. Главни теми се обезбедувањето сигурна и стабилна поддршка за Украина, плановите за одвраќање и одбрана на членките на Пактот, зајакнување на одбранбената индустрија и инвестициите и зацврстување на глобалните партнерства.

Генералниот секретар на НАТО во заминување Јенс Столтенберг синоќа изјави дека очекува на Самитот да бидат донесени важни одлуки за иднината на Алијансата, како и одлуки за натамошно зајакнување на помошта за Украина.

На Самитот учествува и македонска владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски во чиј состав се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за одбрана Владо Мисајловски и за внатрешни работи Панче Тошковски. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, исто така, е во Вашингтон каде учествува на Парламентарниот самит на НАТО.

Предвидени се голем број билатерални средби со државници на земји членки на Алијансата, но останува неизвесно дали на маргините на Самитот, Мицкоски ќе се сретне со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој исто така учествува на Самитот.

Премиерот Мицкоски, пред заминувањето за Вашингтон во однос на евентуалната средба со неговиот грчки колега, изрази надеж дека доколку се случи тоа, „ќе го задржат достоинството и дека ќе разговараат како партнери и како добри соседи“.

Мицотакис, пак, најави дека на Самитот во Вашингтон ќе го покрене прашањето со „прекршувањето на Договорот од Преспа од соседната земја“. Ваквиот став вчера го повтори директорот на Канцеларијата за односи со јавност и медиуми на грчкиот премиер, Панос Амирас во интервју за државната телевизија ЕРТ и посочи дека не е планирана средба на двајцата премиери, јави дописничката на МИА од Атина.

-Секако дека ќе се покрене прашањето за прекршување на основните одредби од Договорот од Преспа од соседната земја. Не знам за некоја планирана средба со премиерот на Северна Македонија. Не знам дали ќе се случи, но сигурно не постои нешто што е планирано од грчка страна, рече Амирас.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис завчера на редовен брифинг со новинарите, рече дека за време на учеството на НАТО Самитот, Мицотакис „ќе го покрене на највисоко ниво“ прашањето со Договорот од Преспа, дека ќе спомене дека „не се почитува, особено прашањето со сложеното име ерга омнес“, како и дека „соседната земја, не ја почитува ниту првата страница на овој Договор“. Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина за евентуална средба на двајцата премиери,Маринакис рече дека не е планирана „но не е исклучено во рамките на активностите и на маргините на Самитот на НАТО, премиерот да има и некои билатерални средби“.

Во рамки на посетата на САД, претседателот на Владата Мицкоски вчера остварил повеќе билатерални средби со високи американски претставници во Вашингтон, а одржа предавање на престижниот Универзитет Џон Хопкинс во Балтимор, каде пред присутните, меѓу другото, зборуваше во врска со нашето отпочнување преговори со ЕУ. Тој при тоа потенцира дека ние немаме гаранција за последно барање во разговорите со Бугарија.

-Ние нема да може да бидеме спремни да ги отпочнеме преговорите ако не вметнеме неколку стотина наши граѓани во Уставот, што значи дека тоа е дел од бугарското малцинство во Македонија. Кој може нам да ни гарантира дека ова е последно барање? Во судот за човекови права во Стразбур, имаме 14 пресуди кои велат дека правата на Македонската заедница во Бугарија се повредени. И тука се поставува логично прашање, чии права се повредени, рече Мицкоски.

Зборувајќи за ветото на Бугарија, тој истакнал дека треба да се разговара за вистински добрососедски односи, но тие да бидат двонасочни. Македонските граѓани, рече Мицкоски, премногу жртвуваа за европската перспектива и доста е со понижувања.

-Ние не сме политичари полни со наводи за криминал и корупција какви има во регионот. Ќе ги штитиме нашите интереси, подготвени сме да разговараме со аргументи, да ги презентираме истите, да видиме чии аргументи ќе преовладеат. Македонските граѓани за европската перспектива дадоа како никој досега, потенцирше премиерот Мицкоски.

Во рамки на посетата на Вашингтон САД, претседателот на Владата Мицкоски вчера оствари повеќе средби и состаноци. Премиерот Мицкоски вчера имаше средба со конгресменката Клаудија Тени, копретседавач на македонската група за пријателство на Конгресот на САД.

– Разговаравме за интензивна соработка базирана на принципи за пријателство, меѓусебно почитување и заемна поддршка. Стратешките интереси се остваруваат преку интензивни контакти и политика на принципи. Се бориме за македонските позиции на секое поле, напиша Мицкоски на фејсбук.

Тој имал продуктивна и пријателска средба и со конгресменот Брендaн Бојл, на која разговарале за приоритетите на НАТО Алијансата и важноста да се зачува демократијата и мирот, а биле промовирани и економските можности и потенцијали кои ги нуди државата, како и одлучната битка против корупцијата и криминалот што е и клучна определба на новата влада.

Како што соопштија од владината прес-служба, премиерот Мицкоски имал и работна средба со претседателката на NDI, Тамара Кофман Витес, со која разговарале за демократските процеси во државата.

– Еден од најакутните проблеми е корупцијата за што како нова Влада работиме интензивно за нејзино искоренување, што подразбира и одговорност за престапниците на законот. Очекувањата на граѓаните не смееме да ги изневериме, да работиме на воспоставување на механизми каде граѓанинот ќе биде заштитен исто како и неговите интереси. Завршува времето на лаги, неспособност и не работа. Почнува време на реформи, инвестиции, дигитална трансформација. Мораме да дадеме добар пример за сите во изнаоѓање на пат до подобар животен стандард и сигурна држава која припаѓа на сите граѓани, подвлекол на средбата Мицкоски.

Мицкоски остварил средба и со поранешниот амбасадор на САД во земјава Филип Рикер, на која разговарале за предизвиците со кои се соочува државата, како и поддршката која е потребна за остварување на стратешките интереси.

– Мораме да ја менуваме реалноста и подобруваме животот на граѓаните, посочил Мицкоски.

Во текот на претходниот ден Мицкоски заедно со делегацијата од Владата, како и претседателот на Собранието Африм Гаши имале средба со конгресмените Пит Сешнс, Роберт Адерхолт, Џо Вилсон, Џон Муленар, како и со Џејмс Џонс поранешен советник за национална безбедност на Барак Обама.

На средбата од двете страни биле потенцирани добрите билатерални односи со Соединетите Американски Држави.

-Се разговараше за можноста за искористување на економските потенцијали и политичка поддршка во остварување на стратешките интереси на државата. Се влегува во инвестициски циклус за сериозни капитални проекти во инфраструктурата, енергетиката и повеќе други полиња, истакнал Мицкоски.

Воедно, било посочено дека една од главните цели претставува борбата против организираниот криминал и корупција. Од страна на конгресмените била изразена силна поддршка, како силен пријател и сојузник на САД.

Северноатлантскиот договор со кој беа ставени темелите на НАТО, беше потпишан на 4 април 1949 година во Вашингтон од страна на 12 земји – Белгија, Велика Британија, Данска, Исланд, Италија, Канада, Луксембург, Норвешка, Португалија, САД, Франција и Холандија. Денес Алијансата брои 32 членки, меѓу нив и Северна Македонија која стапи во полноправно членство во 2020 година. Последни на Алијансата и пристапија Финска во 2023, а во 2024 година кон Алијансата се придружи и Шведска.

Од нејзиното основање во 1949 година, флексибилноста на Трансатлантската алијанса, вградена во нејзиниот првичен договор и овозможи да одговара на различните барања на различни времиња. Во 50-тите години, Алијансата беше чисто одбранбена организација, во 60-тите стана политички инструмент за детантот, а во последната деценија на минатиот век, НАТО беше алатка за стабилизација на Источна Европа и Централна Азија преку инкорпорирање на нови партнери и сојузници.

Во првата половина на 21 век, НАТО се соочува со се поголем број нови закани, па затоа како камен темелник на трансатлантскиот мир и слобода, Алијансата мора да биде подготвена да одговори на новите предизвици.

Новата дефиниција на поимот за „безбедност“ не вклучува само одбрана на сојузниците, туку таа радикално се прошири за да ја вклучи и слободата на поединецот од насилниот екстремизам што предизвикува нестабилност и со кој не успеваат да се справат одделни држави. Успешното одржување на мирот не подразбира само гарантирање на безбедноста, туку и давање значаен придонес за кохерентен меѓународен одговор на безбедносните предизвици.

Ова ќе биде последен самит на НАТО под водство на Столтенберг, кој наесен ќе биде наследен од поранешниот холандски премиер Марк Руте.

10.07.2024 - 09:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега