Андоновски најави Центар за безбеден интернет за деца и млади
И се во државата да е дигитализирано и институциите да ги заштитиме, ако не ги заштитиме младите и децата на интернет, не сме направиле ништо.“ изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на "Тема на денот" во вестите на Сител ТВ.
„Министерството за информатичко општество и администрација, во техничката Влада, во соработка со неколку универзитети и невладини организации, подготвуваше документи за повикот од програмата Дигитална Европа за поддршка за формирање на национални центри за побезбеден интернет за деца", дополни Андоновски.
„По доработка на проектната документација, отстранување на недостатоците, очекуваме скоро да го потпишеме Договорот за отпочнување на проектот за Центар за безбеден интернет за деца. Главна цел на проектот ќе биде да ги зајакне капацитетите за давање совети и поддршка на децата, младите, родителите, наставниците, како и другите засегнати страни, за прашања поврзани со употребата на дигитални технологии и услуги од страна на децата, како и да се зајакне поддршката за жртвите на сајбер малтретирање", појасни Андоновски.
Опсегот на проектот е формирање на национален Центар за безбеден интернет во Македонија, составен од Центар за подигање на свеста и телефонска линија за поддршка.
Министерот додаде дека целта е да ги подобрат понудените услуги, да го олеснат пристапот до содржини погодни за возраста и да ја зголемат свеста кај граѓаните.
„Ова ќе ги поттикне младите и родителите полесно да ги препознаат ризиците на интернет, како и да сфатат која содржина е погодна за деца. Ние ќе соработуваме со децата, младите, родителите, наставниците и другите витални чинители.“
Андоновски потенцираше дека е посветен на обезбедување механизми за поддршка за жртвите на сајбер малтретирање, деца со посебни или специфични потреби, вклучително и оние од обесправени или ранливи средини.
09.07.2024 - 21:46
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа