Костадиновска Стојчевска: ВМРО-ДПМНЕ досега нема ниту една економска мерка
Од ВМРО-ДПМНЕ на почеток на мандатот нема ниту една економска мерка, инвестициите кои се најавуваат се всушност од минатите години, а се доведува во прашање и покачувањето на минималната плата, рече пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 Телевизија.
-Во 2017 година начекавме минимална плата од 9.000 денари, сега е 22.560 денари. Во изминатите 7 години сме ја зацврстиле економската политика, сме биле гарант на раст на платите и пензиите, сме обезбедиле се што му треба на еден инвеститор да пронајде тука плодна почва за инвестиции. Минималната плата треба да продолжи да расте, рече Стојчевска.
Таа нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ги излажа граѓаните, но и своето членство и дека тоа може да се заклучи на почеток на мандатот на оваа партија.
-Цела кампања и предизборие беа најголеми патриоти, никој друг не беше толку голем Македонец, но сега не кажаа дека прва точка ќе биде поништување на Преспанскиот договор и враќање на името. Политиките на ВМРО-ДПМНЕ се темелеа на противење и поништување на Преспанскиот договор, дека нивниот премиер никогаш нема да ги употреби уставното име макар и да му се одземе мандатот. Денеска Мицкоски е на јубилејниот Самит по повод 75 години НАТО. Токму седењето на таа маса со најмоќните е резултат на Преспанскиот договор, за кој сегашниот премиер не се удостои ниту да го честита, рече Костадиновска Стојчевска на Канал 5 Телевизија.
09.07.2024 - 21:27
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа