Меџити: Балансерот не се укинува, туку се унапредува во закон за правична застапеност

 

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити коментирајќи го  тргањето на вадењето на  нерезидентното население од балансерот нагласи дека тој не се укинува, туку, како што рече, се унапредува во закон за правична застапеност.

 - Не се укинува балансерот туку се унапредува и тоа ќе биде во својство на закон за правична застапеност. Така што, тоа ќе биде во интерес на мултикултурната и мултиетничка држава Северна Македонија, рече Меџити, кој заедно министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу и пратеникот Беким Сали денеска се сретнаа со претставниците на Здружението на пензионери на Чаир.

Тој потенцира дека механизмот првично по 2001 година бил во функција на застапеност на помалите заедници, но последните години, како што рече, имал контраефект.

-Имавме многу случаи каде Македонец се пријавуваше кога требаше да се вработи како Албанец, Турчин, Влав или нешто друго или обратно на локално ниво. Значи, не беше во функција, туку беше во контрафункција, рече Меџити. 

Тој не соопшти до каде е процедурата за Законот за локална самоуправа, туку само потсети за што се однесуваат измените на овој закон.

-Прво, за локалната самоуправа ќе биде во интерес на граѓаните и на државата да немаат дополнителни трошоци бидејќи нема логика во една година да има двапати избори. Само од таа причина и тоа ќе се однесува на некои општини од позицијата и на опозицијата. Значи, не е во интерес на Владата, туку е во интерес на граѓаните и државата да нема дополнителни трошоци, рече Меџити..

На новинарско околу тоа зошто имаше потреба да се врати оградата пред владината зграда, Меџити со одговор дека тоа е техничко прашање.

-Тоа е техничка работа. Не вреди да се зборува толку многу за неа. Значи, оградата е таму. Наместо полициските сили постојано да ја чуваат, бидејќи постојано има протести и лицата кои треба да го одржуваат редот треба да се разрешат, бидејќи тие треба да го одржуваат и редот на граѓаните, а не само на Владата, рече тој.

На новинарско прашање дали се очекуваат некакви протести од „Европски фронт“, Меџити истакна дека тие се изморени.

Во врска со најавите за целосно распуштање на Судскиот совет, Меџити рече дека меѓународниот фактор и експертите констатирале дека Македонија изминатите години се соочува со епидемија на корупција, која го зафатила и судството, поради што граѓаните ја изгубиле довербата и само 3 отсто веруваат во судството и обвинителството.

-Ги земаме предвид предлозите на нашите партнери во Влада и на стратешките партнери за најдобрата форма во судството и за враќање на правната држава, бидејќи тоа е еден од најважните столбови на една нормална држава и за онаму за каде што претендираме, ЕУ, рече Меџити. 

Тој одговори потврдно во врска со тоа дали постои иницијатива за враќање на одредбите во Кривичниот законик, а кои се однесуваат на злоупотребата на службената должност.

-Да. Мислам дека измената на Кривичниот законик беше во функција на некои функционери кои во минатото бегаа од државата, бегаа од судството. Тоа беше помош, лоша порака за корупција. Тоа беше индиректна поддршка за корупцијата. Мислам дека сериозно ќе размислиме да се врати правната држава и да се направат потребните измени согласно кои секој што постапил противзаконски, да одговара пред правосудните органи, рече Меџити во врска со измените на Кривичниот законик. 

08.07.2024 - 13:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега