Левица распали по властите: Слепи се и неми пред екокриминалот на струшкиот брег

 

„Продолжува уништувањето на крајбрежјето на Струга, каде што узурпацијата на државното земјиште не само што е дозволена, туку и активно се игнорира од надлежните институции. Последниот случај, каде на само 20 метри од Охридското Eзеро се гради нелегален објект, е уште еден доказ за системската корупција и неказнивоста во Република Македонија“, велат од Левица утрово во реакцијата испратена до медиумите.
Во него додаваат дека раѓаните на Струга со право се загрижени и гневни поради ваквата екокатастрофа.
 
„Нивниот страв дека ќе се повтори сценариото со „Аполонија“, кога нелегално изграден објект функционира како угостителски локал, е оправдан. Тампонирањето на трската и уништувањето на природата претставува, очигледно, и флагрантно прекршување на Законот за животната средина.
Граѓанската иницијатива СОС Охрид и локалното население подолго време алармираат за ваквите незаконски активности, но нивните повици за почитување на законите и заштита на природното наследство се игнорираат. 
Државниот инспекторат за животна средина, и покрај Извештајот и Кривичната пријава поднесена пред три години, не презема мерки за санкционирање на виновниците!
Левица остро го осудува незаинтересираниот и корумпиран однос на институциите и бара итни мерки за заштита на крајбрежјето на Охридското Езеро:
 
• Итно запирање на сите градежни активности и узурпации на државното земјиште на крајбрежјето;
 
• Санкционирање на одговорните лица и фирми за нелегалната градба и уништување на природата;
 
• Спроведување на планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион;
 
• Засилени инспекции и редовни контроли за спречување на идни незаконски активности.
 
Природното богатство на Охридското Езеро е од непроценлива вредност за Македонија и за светот! Неговото уништување е недозволиво и претставува еко-криминал кој не смее да помине неказнет! 
Левица стои на страната на граѓаните и еколошките активисти и ќе продолжи да се бори за заштита на нашето природно и културно наследство“, стои во реакцијата на Левица испратена до медиумите.
06.07.2024 - 11:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега