Левица за изливот на мозоци од Македонија: Ова е алармантно

 

Македонија се соочува со значителен одлив на високообразовани кадри, што годишно изнесува околу 2500 лица. Според последниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), Македонија е една од највисокорангираните земји во светот во оваа категорија. Ова е алармантно и покажува дека државата не ги задржува своите најквалификувани поединци. Ваквата ситуација има тенденција уште повеќе да се влошува, а државата нема ефективна стратегија тоа да го спречи, велат од Левица утрово во соопштение испратено до медиумите.

Во последните години, државата инвестирала значителни средства за високообразовани кадри кои потоа ја напуштиле земјата. Додаваат дека овој одлив има сериозен ефект врз бруто – домашниот производ (БДП) и претставува значителен економски губиток.

„Односот на државата кон студентите, руинираните образовни институции и студентски домови, кај секој студент предизвикува разочараност од системот, што прави тие во сè поголем број да ја напуштаат државата. Корумпираноста на сите досегашни владеачки гарнитури, наместените конкурси на кои наместо на најквалитетните, работните позиции им се даваат на партиски кадри, прават најдобрите студенти да се принудени да ја напуштат државата за да најдат работно место соодветно на нивното образование надвор од неа. Изминатите влади, без разлика на нивната политичка боја, покажаа неспособност и незаинтересираност да се справат со овој проблем. Сè додека државата е во служба на капиталот, а не на човекот, луѓето нема да ја чувствуваат како своја и ќе ја напуштаат истата, а во голем број случаи и ќе се принудени на тоа. За да се реши овој проблем, неопходно е доаѓање на нови луѓе на власт, чија цел нема да е нивниот личен интерес, и кои со радикални промени потполно ќе отстапат од досегашните практики“, се вели во соопштението на Левица.

06.07.2024 - 10:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега