Костадиновски за МРТ: Поголема контрола врз работењето на секој судија со новиот Акт од септември

 

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски во интервју за цетнралниот Дневник на Македонската радио телевизија, емитувано на 4 јули, изнесе детали од новините во Актот кој го изгласа Судот и кој стапува во сила на 1 септември оваа година. Костадиновски ги издвои како исклучително важни одредбите кои ќе придонесат за поголема ефикасност на Судот и поголема контрола врз работењето на секој судија, вклучително и врз работата на претседателот. 

Најави дека од поголемите предмети како што се Законот за јазиците, т.н „Балансер” и законот за електронски комуникации на есен ќе бидат завршени и ставени на седница.

„Постои една максима која е генерална, а тоа е  дека Уставниот суд одлучува и тогаш кога ќе одлучи да не одлучува нешто. Но и таа можност сега е ставена во временска рамка. Јас овие измени ги гледам како исклучително важни и би ги нарекол антиманипулативни мерки.  Повод за пристапување кон овие промени беа увидените слабости, ние пет години работиме на новиот Акт, во различни состави, меѓутоа сега беше моментот и ние го изгласавме. 

Кога велам антиманипулативни мерки… Досега можеше судија-известител да го чува предметот, таа можност веќе не постои. Претседателот на Судот, за времетраењето на неговиот мандат три години можеше да не извади предмет на расправа и одлучување. За да се избегне таквата манипулативност, се одзема моќта и на судијата и на претседателот на Судот. Тоа значи дека судијата има временски рок да го предаде рефератот на претседателот на Судот. Доколку тоа не го стори, тој треба да ги образложи причините, а одлуката дали тие причини се издржани или не ќе ја носи Судот, што значи Судот си ја превзема моќта. Истото важи и за претседателот на Судот. Откако ќе добијам реферат јас имам рок од 30 дена да го изнесам на седница за расправа и одлучување. Доколку не го сторам тоа треба да Судот да му ги образложам причините зошто не е ставен предмет на седница”. 

Костадиновски ја издвои и одредбата од новиот Акт која на Уставниот суд му дава можност да укаже на доносителите на актите дека одредбите се спорни и да му даде рок да ги коригира.

„Со цел да не се создава правен вакуум и граѓаните да не трпат последици, ние за некој спорен акт може да поведеме постапа и на доносителот да му дадеме рок од шест месеци најдолго да се прилагоди, да ги коригира слабостите согласно насоките во нашето решение”, кажа Костадиновски. 

На прашањето кога ќе бидат ставени на седница некои од  големите предмети како Законот за јазиците, оспорениот т.н. “Балансер”, Законот за електронски комуникации претседателот Костадиновски одговори: 

„Чување на предмети нема да има. Tочно е дека ние имаме предмети од 2017 година, на првиот состанок им најавив на колегите дека тие предмети веќе во септември, октомври треба да се изнесат и да се одлучуваат.  Нема од што да бегаме, доколку сите фактори во оваа држава се залагаат да владее правото, тогаш нема простор за бегање, нема потреба од чување заради сензибилност, заради мир во куќа. Не, силата на нашите аргументи треба да биде доволна за ние да ги одлучуваме предметите и тоа треба да биде доволно. И тоа е еден од начините за враќањето на довербата на граѓаните во правната држава,” одговори Костадиновски.

Костадиновски најави дека идниот период ќе се ангажира да се сретне со релевантните политички чинители за да се изгласа Закон за Уставен суд. 

„Врвен приоритет ќе ми биде да разговарам со сите релевантни фактори и чинители, поддршката од меѓународната заедница не само од странски амбасадори, но и релевантни институции како Венецијанска комисија, во континуитет ни укажува дека ние сме едни од ретките држави во кои нема Закон за Уставен суд.  Инсистирам на двотретински закон кој  ќе ни биде гаранција за нашата независност и самостојност, и буџетска и статусна и административна. Многу работи ќе се конкретизираат со тој закон. На пример, генеричкиот поим истакнат правник ќе се објективизира и тоа е многу важно за граѓаните и нивната доверба”, одговори претседателот Костадиновски. 

Тој посочи дека политичките чинители можат да помогнат и да ја реформираат институцијата Уставен суд преку прифаќање на предлогот за воведување на двотретински закон и паралелно да се работи на воведување на уставната тужба како алатка за помош за остварување на правата на граѓаните.  

Најави дека силно ќе се залага за воведување на снимањето на седниците во живо во Уставниот суд, што ќе влијае на подобрување на перцепцијата за транспарентноста и зголемување на довербата на граѓаните. 

„Нашите граѓани имаат право да знаат кои им се уставни судии, ние сме чувари на Уставот, да точно е тоа дека ќе биде вистинска реткост во уставното судство, но јас се надевам дека овој мој приоритет ќе стане реалност. Убеден сум дека огромен процент од граѓаните не ги знаат надлежностите и на крајот убеден сум дека ќе влијае позитивно на враќањето на довербата, кажа Костадиновски. 

На крајот на интервјуто претседателот на Уставниот суд порача дека ќе се бори за независноста на Уставниот суд и на секој судија. 

„Моја императивна заложба е да на било какво влијание, политичко, бизнис, криминално, жестоко ќе реагирам и жестоко ќе ја бранам независноста и самостојноста на Судот и на судиите. Во однос на тоа како се гради перцепцијата за мене, она што за мене е битно е да се види мојот минат труд како судија и како претседател на Судот.  Делата и она што ќе остане зад мене е кредибилно и реално за да се носат заклучоци. Перцепциите и вистината се две различни работи”, кажа Костадиновски. 

05.07.2024 - 14:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега