Тошковски: Колку што сега има дрога на улица, немало никогаш, последните 3-4 години немало никаква контрола

 

Состојбата со количините на дрога којашто ја има по улиците во земјава е катастрофална. Колку што сега има дрога на улица, немало никогаш, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за „Слободен печат“.

Според него, во последните 3-4 години немало никаква контрола и не се знаело кој влегува и кој излегува од државата, по мигрантски рути или споредни патишта, па смета дека мора најмногу да се посветат на безбедноста на границите.

Тоа значи дека ќе имаме еден центар, од којшто ќе се употребуваат технички уреди, термални камери, дронови. Ќе се дејствува со мобилни екипи од внатрешноста, за да може длабински да се покрива, особено зелената граница, да имаме вистинска контрола и реална слика за фактичката состојба на границата. Дали досега тоа е ненаправено од немукает на претходните министри или заради тоа што така му одговарало на некој, ќе видиме, вели Тошковски.

Според него, ако сакаме да имаме вистински увид на фактичката состојба и вистинска борба против нелегална имиграција, вистинска борба против трговија со одредени нелегални работи, мора да се работи.

Ќе дадам еден пример, само краток. Многу од овие несакани насилни кривични дела коишто биле во минато, биле преземени од страна на поединци, луѓе коишто не се македонски државјани, кои влегуваат од соседните држави по диви рути, сторуваат тоа што сторуваат и после тоа повторно по истата рута се дислоцираат од државата, додава Тошковски.

05.07.2024 - 13:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега