Претставници на Македонците од Албанија на средба со министерката Јаневска
Претставници на Македонците од Албанија денеска се сретнаа со министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Според Панди Јани, претседател на огранокот на Партијата на слободата, за Мала Преспа, на средбата присуствувале и Едмонд Темелко, поранешен градоначалник на општина Пустец и претседател на организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија – „Друштво Преспа, потпретседателот Спиро Малевски и членот на организацијата Ѓорѓи Андон.
– Денеска имавме можност да оствариме работна средба со новата министерка за образование и наука Весна Јаневска. На средбата разговаравме на тема образование, со посебен акцент на образованието на Македонците во Република Албанија, како и други прашања, информираше Панди Јани.
Додаде дека се заблагодарил на министерката за искажаната поддршка и нагласи оти се согласиле за понатамошно продлабочување на истата.
– Задоволни сме од средбата со министерката Јаневска, која ни вети дека ќе продолжи поддршката на министерството за нас Македонците во Албанија, за негување на мајчиниот јазик и достапност на повеќе образовни можности, посочи тој.
Го пренесол ставот на Партија на слободата дека „секогаш ќе се грижиме за правата на Македонците во Република Албанија“.
За средбата на „Фејсбук“ објави и министерката, која наведува дека Македонците кои живеат во Албанија, и натаму ќе немаат обврска за плаќање партиципација, доколку одлучат да студираат на државните универзитети во Македонија
Според неа, се предвидува и доделување на стипендии и покривање на трошоците за сместување во студентски домови
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа