Меџити: Нашиот пат кон евроинтеграциите и чесно и правично владеење е јасно зацртан
Првиот заменик претсeдател на Владата и истовремено министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, го пречека амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Н.Е. Дејвид Гир.
На средбата што се одржа во просториите на МЖСПП се разговараше за повеќе актуелни теми како што се бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата, уставните измени и владеењето на правото. Стана збор и за општата стабилност и европскиот дух на новата Влада.
Министерот Меџити му се заблагодари на амбасадорот Гир за укажаната поддршка на патот кон членството во големото европско семејство.
Од друга страна, европскиот дипломат уште еднаш истакна дека граѓаните на Северна Македонија го заслужуваат најдоброто и дека очекуваат Владата максимално да се посвети во извршувањето на своите обврски.
Министерот Меџити упати благодарност за досегашната поддршка на ЕУ Делегацијата во реализација на капиталните инфраструктурни проекти, како и во процесите за пристапување на нашата држава кон Европската Унија.
На средбата се дискутираше и за статусот на тековните проекти и за предизвиците во реализацијата на Секторската оперативна програма за животна средина и климатска акција во рамки на ИПА II. Идентификувани се предизвиците и се реафирмираше личната заложба на министерот Меџити и на Владата за надминување на истите и за забрзување на процесите за реализација на активностите од ЕУ програмските документи преку кои се користат средства од ЕУ фондовите.
На крајот, министерот Меџити вети дека максимално посветено ќе работи за да покаже како се владее правично, чисто и чесно.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа