Левица: Македонија останува една од ретките држави во Европа со неправичен даночен систем
Суштината на секој даночен систем е да обезбеди праведна и фер даночна политика за сите чинители во општеството. Дали ова е случај во Македонија? Одговорот, за жал, е НЕ!, велат од Левица.
„Преку неодамна изгласаната Програма за работа на новата Влада предводена од ДПМНЕ и ЗНАМ, владејачкото мнозинство потврди дека ќе се води политика на рамни даноци кои одат во прилог на странскиот капитал, домашната олигархија и бизнис - елитата, блиска до партиите на власт.
Имено, данокот на добивка, со кој се даночат профитите на олигархијата, во Македонија изнесува 10% и претставува еден од најниските даноци во Европа. Само за споредба со некои од европските земји: Германија има данок на добивка од 29,8%, Франција има 25,8%, Шпанија има 25%, Италија има 27,8%, Грција има 22%.
И покрај тоа што во Македонија доходната нееднаквост како јаз помеѓу сиромашните и богатите е една од највисоките во Европа, сепак, постоечкиот даночен систем, не само што не ја намалува ваквата нееднаквост, напротив, ја стимулира и дополнително го зголемува овој јаз.
Освен што се задржува рамниот данок на добивка, новата власт во својата Програма предвидува и еден куп бенефиции и даночни ослободувања за странскиот капитал, со што државната каса останува да се полни само од индиректните даноци, како што е данокот на додадена вредност, чиј товар го носат обичните граѓани кои секојдневно купуваат добра и услуги за домашните потреби.
Левица апелира дека ваквата штетна даночна политика ќе удри по џебот на најсиромашните граѓани преку недоволни финансии во буџетот за социјални, образовни, научни и други програми во корист на општото добро. Задолжувањето ќе продолжи и понатаму преку разни заеми и кредити коишто веќе се највени од страна на Владата на ДПМНЕ и ЗНАМ, кои потоа ќе треба да ги враќаме сите ние.
Левица се залага за праведно оданочување и воведување на прогресивни стапки на данок на добивка, како и воведување на нов корпоративен данок на експлоатација за капиталистите и данок на луксуз, со што дополнително ќе се даночат енормно скапите т.н. луксузни добра, кои ги поседуваат и со кои се китат богатите“, стои во соопштението на Левица.
04.07.2024 - 15:39
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа