Нимиц: Новата власт во Северна Македонија се доведе во тешка позиција и треба да излезе од неа
Новата власт во Северна Македонија се доведе во тешка позиција и треба да излезе од неа. Употребата на уставното име во писмена форма, но не и во усна, ќе предизвика континуирани проблеми и конфузија. Што ќе се случи ако треба да напишат една изјава употребувајќи „Северна Македонија“ и во продолжение да треба да ја прочитаат на глас? Ова политика не е одржлива долгорочно и нема да им дозволи да ја играат соодветната улога во светската заедница, вели медијаторот Метју Нимиц за „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервјуто што е под наслов „Сите да размислат што добија од Преспа“, специјалниот претставник на ОН во разговорите за името Метју Нимиц говори за придобивките од Договорот, но и за ставовите на новата Влада кај нас.
Објаснува дека понекогаш кога некој е во тешка ситуација, „најдобриот пристап е да се препознае тешкотијата и да се одлучи да се надмине“, нешто што според него не е невообичаено кога станува збор за нови влади, бидејќи, како што вели, често политиката се објавува без длабински да се земат предвид сите импликации.
-Ако некој следи погрешен пат, најдоброто решение, кога ќе го сфати тоа е да се коригира. Самоуверена и психолошки силна личност ќе го направи тоа брзо. Може да постои некое оспорување за околу една седмица, но работите набргу ќе се движат поконструктивно. Другите лидери и јавноста ќе ја препознаат корекцијата и ќе го почитуваат лидерот кој во од се прилагодува. Врз основа на оваа филозофија за справување со реалноста, раководството на Северна Македонија, според мене, треба да признае дека „Република Северна Македонија“ е името на државата, дека тоа е убаво и чесно признаено во целиот свет, во ОН, НАТО и ЕУ и е име за кое треба да се горди, објаснува Нимиц.
Вели дека новата власт „треба да посвети малку време да размисли мирно, без да дава многу изјави, која ќе треба да биде нејзината политика“ во однос на Грција, на другите соседи, на ЕУ, а особено во внатрешноста на земјата, посочувајќи дека „извојуваа импресивна политичка победа, но таа поддршка лесно може да се изгуби“.
-Националните лидери ќе треба да препознаат дека времињата се опасни, особено за малите земји што се во нестабилен регион. Позитивните односи со соседите треба да бидат врвен приоритет. Веќе немам никаква формална или неформална улога. Целосно се повлеков од јавниот живот. Но, ако треба да дадам препораки до Скопје, би ги повикал 80 отсто од својата енергија да ја фокусираат на спроведување внатрешни реформи во области како што се борбата против корупцијата, силно јавно управување, владеењето на правото, образованието, економскиот развој и конструктивни меѓународни односи. Исто така, да се опстои во напорите за влез во ЕУ и покрај разочарувањата, вели Нимиц.
За останатите 20 отсто од енергијата и кон што треба да ги насочи новата Влада, медијаторот коментира дека треба да работат конструктивно и приоритет прво да биде решавање на отворените прашања со Бугарија, „но и на нормализирање на ненадејното нарушување на односите со Грција“ и секако да останат посветени на останатите регионални и пошироки надворешнополитички приоритети.
Во интервјуто за „Катимерини“, медијаторот коментира дека неговиот впечаток е дека ниту едно од раководствата во двете земји не е целосно ентузијастично и дека и двете се фокусираат на она што веруваат дека го отстапиле, а не на она што го добиле од решението на спорот.
Истакнува дека „Договорот од Преспа претставува последен чин на низа настани што ја обликуваа модерната форма на регионот на Македонија“, како што вели, почнувајќи од повлекувањето на Отоманците, Балканските војни од 1912 и 1913 година, Првата светска војна, создавањето на Југославија и распаѓањето, Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција, поделбите од Студената војна, насилниот распад на Југославија и создавањето на нова држава во регионот, која мораше да се прилагоди на соседството.
- Ова прилагодување е сè уште во тек, бидејќи Република Северна Македонија треба да создаде добри односи со сите нејзини соседи, од кои повеќето се воспоставени држави со децении, со долгогодишни политики во однос на нивната безбедност и историја, вели медијаторот.
Дополнително истакнува дека Договорот од Преспа покажа дека разликите можат да се решат преку компромиси што ги „гарантираат виталните интереси на двете страни“.
Во однос на тоа колку беше и е важно прашањето за името објаснува дека „за оние кои не се директно инволвирани, таканаречениот спор за „името“ изгледа неважен, особено ако се земат предвид големите конфликти што се случуваат во светот“.
- Но, спорот е од особена важност и сам по себе и од аспект на регионалната стабилност и европската интеграција. Преспа претставува модел за регионот бидејќи покажува дека два народи можат сами да решат тежок билатерален спор. Историски гледано, важните настани во централна и југоисточна Европа честопати беа решавани од надворешни сили. Во регионот беа навикнати, за барање решенија, да се обраќаат до Истанбул, Виена, Берлин, Москва, Вашингтон или Дејтон. Во иднина би било подобро лидерите од регионот да имаат храброст и самодоверба веднаш да ги решат своите проблеми. Ова би претставувало знак на зрелост, истакнува Нимиц.
На Меѓународната конференција за мир и одржлив развој што во понеделникот и вторникот се одржа во Атина во организација на „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Заев“, специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации во разговорите за името беше награден со „Преспа наградата за мир“, за неговиот придонес во решението меѓу двете земји.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа