Сиљановска Давкова денес и утре на Самитот за мир во Украина
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на покана на претседателката на Швајцарската Конфедерација, Виола Амхерд, денеска и утре во Бургеншток на езерото Луцерн во Швајцарија ќе учествува на Самитот за мир во Украина.
Предвидено е претседателката Сиљановска Давкова да има обраќање на самитот и да оствари билатерални средби со дел од учесниците на самитот, информира претседателскиот Кабинет.
Собирот има за цел да воспостави форум за дијалог на високо ниво за начините за постигнување сеопфатен, праведен и траен мир за Украина во согласност со меѓународното право и Повелбата на ОН, да промовира заедничко разбирање за можна рамка за постигнување на оваа цел и да дефинира патоказ за тоа како да се вклучат двете страни во иден мировен процес.
На конференцијата, што се одржува на иницијатива на Украина, ќе учествуваат високи претставници на околу сто земји и на меѓународни организации. Ќе се разговара за различни прашања, меѓу кои за извозот на жито од Украина, безбедноста на нуклеарната централа Запорожје, што е под руска контрола, како и хуманитарни прашања како што е размената на воени заробеници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа