Деспотовски: Битола е желна за промени

 

Пред преполна сала во општинската организација во Битола, кандидатот за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јован Деспотовски ја презентираше програмата Нов почеток за нов СДСМ со кој се предвидуваат суштински реформи во партијата и зајакнување на општинските организации и нивен удел во носењето одлуки и креирањето политики.

„Битола е желна за промени. Членството бара радикален дисконтинуитет со досегашните политики и кадровски политики. Партиските другари се погласно бараат ново раѓање на партијата. Нашата програма е напишана токму со таква цел. Имавме одлична дебата и слушнавме многу конструктивни предлози, особено за тоа како да ги активираме младите и како повторно да им се слуша гласот, но и како секој од нас постарите членови, особено оние кои биле маргинализирани во последниве години, може да придонесе во реформа и напредок на партијата,“ изјави Деспотовски.

За таа цел се предвидува формирање на Форум и Совет на искусните. Во ова тело ќе членува широк круг на поранешни партиски и функционери на централно и локално ниво и ќе заседава најмалку еднаш годишно. Членовите на Форумот ќе се избираат така наречен Совет на искусните кој ќе заседава на редовни месечни средби (по потреба и почесто), особено во периоди пред избори, или пред донесување битни и стратегиски одлуки.

Советодавната улога на ова тело ќе се однесува во прв ред кон раководството на партијата и ќе формира и свои оперативни тела, составени од членови на советот или други членови на партијата, а тие тела на советот ќе ја помагаат работата на раководството на партијата и на претседател.

“Нашата партија има долга традиција и најголемо искуство на политичката сцена во државата. Тоа искуство е драгоцено и не смее да биде занемарено. Напротив, од искусните личности во партијата се очекува да преземат водечка улога во градење стратегии и правци на дејствување на партијата,“ рече Деспотовски.

Деспотовски пред членовите повторно нагласи дека во трката влегува до крај без пазарење, и дека „негов грб“ се членството.

„Ако успееме да го истераме внатрепартискиот процес чист до крај, тоа ќе ни биде првата победа после изборниот пораз. Тоа што ве има овде во толкав број и што дојдовте со конструктивни идеи и прашања за тоа како понатаму, ме охрабрува дека навистина има луѓе кои веруваат во шансата за нов почеток за оваа наша заедничка партија,“ порача Деспотовски.

14.06.2024 - 14:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега