Хамас: Ја прифаќаме резолуцијата за прекин на огнот, подготвени сме да преговараме

 

Хамас ја прифаќа резолуцијата за прекин на огнот на Советот за безбедност на Обединетите нации и е подготвен да преговара за деталите, изјави денеска функционерот на групата, Сами Абу Зухри, нагласувајќи дека на Вашингтон е да го принуди Израел да го почитува неговото спроведување.

Хамас ја прифаќа резолуцијата за прекин на огнот, повлекувањето на израелските сили и размената на заложници за палестинските затвореници во Израел, рече Зухри.

„Американската влада се соочува со вистински тест за исполнување на своите обврски во однос на притисокот врз окупаторот веднаш да ја прекине војната преку спроведување на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН“, додаде тој.

Советот за безбедност во понеделникот го одобри планот на американскиот претседател Џо Бајден за постигнување прекин на огнот во Газа.

За предлог-резолуцијата гласаа 14 земји членки, а Русија, една од земјите со право на вето, беше воздржана.

Резолуцијата го поддржува планот изнесен од претседателот Бајден, кој предвидува прекин на борбите во Појасот Газа во три фази.

Амбициозниот предлог на Бајден повикува на целосен и неограничен прекин на огнот на шест недели. Во овој период би била ослободена одредена група заложници. За возврат ќе бидат ослободени и Палестинците од израелските затвори.

Во следната фаза борбите би биле трајно прекинати, а другите заложници би биле ослободени.

Според нацрт-резолуцијата, последната фаза би ја опфатила реконструкцијата на Појасот Газа.

11.06.2024 - 17:04

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега