Денеска се прегласува во седум избирачки места за Парламентарните избори 2024
Во седум избирачки места во изборните единици 5 и 6 денеска ќе се прегласува за Парламентарните избори 2024. Прегласување во петата изборна единица ќе се спроведе на избирачките места 1194 и 1202 во Крушево, 1272 во Охрид, 1470 и 1470/1 во Долнени и 1844 во Струга, додека во шестата изборна единица на избирачкото место 2101 во Желино.
Право на глас во овие избирачки места имаат вкупно 4521 гласач. Во избирачкото место 2101 во Желино право на глас имаат 993 гласачи, во избирачкото место 1194 во Крушево право на глас имаат 470 избирачи, во 1202 исто така во Крушево 298, во 1272 во Охрид 712, во Долнени во избирачкото место 1470 – 659, додека во 1470/1 – 634 и во избирачкото место 1844 во Струга 755 избирачи.
Вчера гласаа болни и немоќни лица, лицата кои се на издржување казна затвор, како и лицата сместени во домовите за вонсемејна грижа, а кои припаѓаат на избирачките места каде што се поништи гласањето за парламентарните избори спроведено на 8 мај 2024. Од ДИК информираа дека прегласувањето се одвивало непречено, без пријавени нерегуларности.
Од ДИК соопштуваат дека 43 oд вкупно 45 лица пријавени како болни или немоќни гласале на избирачките места каде се одвива прегласувањето во Желино, Крушево, Охрид, Долнени и Струга. На ИМ 2101 во Желино гласале сите 4 лица кои биле запишани како болни или немоќни. На ИМ 1194 Крушево од 20 запишани лица гласале 18, а на ИМ 1202 Крушево гласале сите 6 запишани лица. На ИМ 1272 Охрид, правото на глас денес го искористиле двете запишани лица во посебниот извод од Избирачкиот список. На ИМ 1470 Долнени во кое имаше запишано 7 лица како болни или немоќни и на ИМ 1470/1 Долнени со запишани 2 лица, сите го искористија правото на глас. На ИМ 1844 Струга, сите 4 лица запишани како болни или немоќни гласале во текот на денот.
Од ДИК посочуваат дека сите 5 пријавени лица за гласање во затворите во Прилеп и Шуто Оризари гласале во објектите каде престојуваат. Наведуваат дека своето право на глас го оствариле и двајцата пријавени гласачи во центрите за вонсемејна грижа во општините Карпош и Битола.
Поради повторување на гласањето за Парламентарните избори 2024 во седум гласачки места во Изборните единици 5 и 6, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера ги извести националните радиодифузери и радиодифузерите кои емитуваат програма на подрачјето на Охрид, Крушево, Струга, Долнени и Желино дека за нив важат обврските за изборниот молк, кој почна од ноќеска на полноќ и ќе трае денеска до 19 часот.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
Државната изборна комисија го поништи гласањето на овие седум избирачки места, а одлуката беше потврдена и од страна на Управниот суд посочувајќи дека тужбите на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ се неосновани. ДИК, исто така, ги смени и членовите на избирачките одбори во овие избирачки места.
Поради ваквата одлука на Управниот суд и на ДИК, ДУИ обвини дека се прави изборен инженеринг со цел на партијата да и се одземат две освоени пратенички места. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека доколку се променат резултатите од гласањето во овие седум избирачки места тие би добиле по уште еден мандат во Парламентот.
Државната изборна комисија вчера ги додели Уверенијата за пратеници за потврдените пратенички мандати.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа