Вархеји во Србија: Денешните одлуки ги обликуваат следните пет години

 


Комесарот за соседска политика и проширување на Европската унија (ЕУ) Оливер Вархеји по средбата со српскиот премиер Милош Вучевиќ во Белград најави дека денешните клучни одлуки „ќе ги обликуваат следните пет години“.

Вархеји, кој претходно се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ, на X напиша дека се сретнал со Вучевиќ и членовите на неговиот кабинет.

„Ова е критична година. Следните пет години ќе се обликуваат врз основа на денешните клучни одлуки. Нема време за губење“, напиша Вархеjи.

Тој додаде дека детално разговарал за отворените прашања од реформската агенда во Владата на Србија, кои треба да бидат финализирани во наредните денови.

„Разговаравме и за планот за раст. Диверзификацијата на гасот е најитното прашање. Тоа има значително влијание врз иднината на енергетската безбедност на Србија“, напиша тој.

До изградбата на гасоводот со Бугарија, кој делумно беше финансиран од ЕУ, Србија се потпираше исклучиво на увоз на гас од Русија.

Овој гасовод беше пуштен во пробна работа во декември 2023 година и Србија преку него ќе купува гас од Азербејџан.

Властите во Србија делумно го оправдаа својот став да не воведуваат санкции кон Русија со нивната зависност од рускиот гас.

На прес-конференцијата по средбата со премиерот на Србија, Оливер Вархеjи изрази надеж дека новата Влада на Србија ќе го забрза патот на земјата кон Европската унија, јавува Радио телевизија на Србија (РТС).

Во Владата на Србија беше потпишан договор со кој Европската Унија ќе донира десет милиони евра за втората фаза од програмата „Обновливи извори на енергија – развој на пазарот на биомаса во Србија“.

Проектот ќе им овозможи на топланите во неколку локални самоуправи да се префрлат на користење на биомаса како извор на енергија, што на нивните граѓани ќе им донесе сигурно снабдување и поздрава животна средина.

Вархеjи, како што е најавено, во вторник ќе разговара и со министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ и со министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

14.05.2024 - 13:04

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега