Би-би-си потврди: Убиени се најмалку 50.000 Руси

 


Анализата на Би-би-си покажа дека бројот на убиени руски војници во Украина надмина 50.000. Во текот на втората година од војната, бројот на загинати беше речиси 25% поголем отколку во првата. Руската Би-би-си, независната медиумска група „Медијазона“ и доброволците ги броеле смртните случаи од февруари 2022 година. Според наодите, повеќе од 27.300 руски војници биле убиени во втората година од конфликтот, што покажува дека освојувањето на територијата имало висока цена во човечки животи. Русија одби да ги коментира наодите од извештајот.

Често кога се опишуваат руските освојувања, терминот „мелница за месо“ се користел за да се опише безмилосната жртва на воените сили за да се истроши украинската армија. Бројката од 50.000 е осум пати поголема од единствениот јавен официјален биланс на загинати во Русија, што го објави Москва во септември 2022 година.

Но, вистинскиот број на загинати Руси е веројатно многу поголем. Во анализата на Би-би-си не е вклучен бројот на убиени припадници на милоицијата во регионите Доњецк и Луганск, окупирани од Русија. Ако се додадат тие бројки, бројот на загинати би бил уште поголем.

Што се однесува до украинските загуби, претседателот Володимир Зеленски во февруари оваа година рече дека 31.000 украински војници биле убиени – но проценките засновани на американското разузнавање укажуваат на поголеми загуби.

Руската војска претрпе нагло зголемување на жртвите во јануари 2023 година, кога започна офанзива во регионот на Доњецк. Институтот за проучување на војната (ISW) наведува дека Русите користеле неефикасни фронтални напади во форма на „човечки бранови“ за време на битката за градот Вухледар.

„Поради тешкиот терен, недостатокот на борбена моќ и неуспехот да се обидат да ги изненадат украинските сили, имаше мали придобивки и големи загуби“, вели Институтот. Друг значаен скок на бројот на загинати беше забележан во пролетта 2023 година, за време на битката кај Бахмут, кога платеничката група Вагнер помогна во заземањето на градот.

Водачот на Вагнер, Евгениј Пригожин тогаш процени дека изгубил 22.000 борци. Кога руските сили го започнаа својот поход на Авдиивка минатата есен, имаше и нов пораст на бројот на загинати војници.

Волонтерите кои работат со Би-би-си и Медијазона од почетокот на војната бројат нови воени гробници на 70 гробишта низ Русија. Сателитските снимки покажуваат дека властите значително ги прошириле областите каде што се наоѓаат гробиштата од почетокот на конфликтот. Би-би-си проценува дека најмалку двајца од пет загинати руски борци немале врска со војската пред руската инвазија на Украина.

Имено, во 2022 година, на почетокот на конфликтот, Русија можеше да ги искористи своите професионални трупи за извршување на комплицирани воени операции, но многу професионални војници набрзо беа ранети или убиени, а властите ги заменија со луѓе со мала обука или воено искуство – како како доброволци, цивили и затвореници.

17.04.2024 - 11:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега