Томовски: За среќа нема повредени колеги, температурата беше многу висока
Две противпожарни возила од Тафталиџе во 09:50 часот се упатиле кон Универзалната сала, по примена дојава дека избувнал голем пожар. Кога забележале висок столб од чад веднаш побарале помош од колегите.
-Вкупно интервенираа 9 возила со 24 пожарникари. За релативно кратко време благодарениа на пожртвуваноста на колегите пожарот беше ставен под контрола, иако имавме висока температура во самиот објект, вели командирот на скопската противпожарна бригада Sвонко Томовски.
Прашан за причините за пожарот, командирот вели дека тие се уште се непознати, и треба да ги утврдат истражните органи по увидот на лице место.
Повредени и жртви во пожарот нема, освен двете жени од соседните згради кои повикале Итна медицинска помош поради вдишан чад.
-За среќа нема повредени од колегите. Она што го добив како информација е дека немало градежни работи во моментот. Така што, нема повредени, само материјална штета којашто е евидентна. Имаше густ чад, висок столб на чад, температурата беше доста висока и на соседните објекти кои се во близина на салата има оштетувања на ролетните, имаше висока температура, вели Томовски.
Пожарникарите на терен имаа проблем за да се поврзат со хидрандската мрежа на градот и да стигнат до вода. Томовски вели дека тоа е стар проблем кој го имаат пожарникарите, но поголем проблем е што на скопската бригада ѝ недостасуваат нови пожарникари. Скопската бригада во моментот работи со 40% од капацитетот кој ѝ е потребен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа