Велковски: Професионализмот во Центрите за социјална работа мора да биде на највисоко ниво
Техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски денеска ги посети Центрите за социјална работа во Кичево и Гостивар, на коишто средби директорите и вработените ги истакнаа актуелните проблеми со коишто се соочуваат во процесот на спроведување на тековните активности и пружање социјална заштита за корисниците.
„Од 29 јануари кога дојдов во министерството заедно со мојот тим започнавме со теренски посети и состаноци да ги утврдиме состојбите во Центрите за социјална работа. Она што го детектиравме како недостаток е недоволно вложување во капацитети, недоволен број на стручен кадар, но од спроведените анализи се утврдија и одредени злоупотреби за коишто заеднички во иднина ќе мора да работиме на надминување на ваквите системски пропусти за да нема вакви злоупотреби кои значат финансиски импликации врз буџетот на министерството. На тој начин и финансиските средства коишто се одвојуваат за центрите по вакви основи да завршуваат кај оние лица на коишто најмногу им е потребна помош од државата“, потенцираше министерот Велковски на денешните теренски посети во Кичево и Гостивар.
Можностите коишто ги има министерството за труд и социјална политика во овој период на техничка влада се ограничени, но затоа министерот Велковски најави итни мерки и брза реализација веднаш по завршување на изборите и формирање на новата влада.
„Ќе ги посетиме буквално сите Центри за социјални работи под министерството, ќе ги слушнам ставовите и барањата на вработените, на стручните служби и што ние како министерство можеме и треба да направиме. Во овој период на техничка владата можностите се ограничени, но она што и на средбите го кажувам е дека по 8 мај веднаш ќе започнеме со системски промени и решавање на актуелните состојби“, дополни тој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа