Битиќи за предизборната набавка на 45 автомобили за Влада: Се знае на колку километри се менуваат службените возила

 

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека оперативниот лизинг на долг рок ги скратува трошоците за одржување на возилата.

Ова доаѓа откако вчера Службата за општи и заеднички работи објави повик за набавка на 45 дизел возила со моторна зафатнина од 2.000 цм кубни и тоа на лизинг. За оваа намена предвидени се 1,6 милиони евра.

-Јас од моето искуство надвор од политиката укажувам дека оперативен лизинг, или финансиски лизинг е во цел свет најупотребуваниот механизам за службените возила зашто долгорочно гледано трошоците за одржување се многу помали во тој вид. Ако отидете во која било држава на Европската унија, службените возила над 90% се преку одреден лизинг којшто го користат. Кај нас тоа се уште е страно, но мислам дека е пат на ефикасно трошење на ресурсите, вели Битиќи.

Прашан зошто јавниот тендер е објавен пред избори, вицепремиерот вели дека тоа било во редовната програма за набавки.

-Тоа е во среднорочниот план. Се знае на колку километри се менуваат службените возила. Не се набавуваат сега, тие би требало во ноември да бидат набавени, кога реално ќе се случи реализацијата, бидејќи е во редовниот план, е во програмите, независно на изборниот процес државата и институцијата функционираат.

13.03.2024 - 11:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега