Кристина Шикова ќе биде првата жена водич на службено куче во Македонија

Лажните дојави за бомби кои со месеци ги ставија во заложништво училиштата, институциите и големите приватни објекти и даде простор на јавноста одблиску да ја види работата на К9 единицата на МВР. 

Нивната задача беше да ги проверат објектите, дали навистина некој поставил екплозив. Но, полициските кучиња работат на откривање и на дрога, оружје, пари…

Единицата постои уште од далечната 1947 година. Денес МВР има 20-тина водичи на службени кучиња, позиција која досега беше „резервирана“ за машкиот пол, зашто полицајките не пројавувале интерес да бидат дел од оваа единица.

Кристина Шикова го крши мразот, пренесува Сител ТВ. Оваа службеничка неколку месеци се обучува за да стане првата жена водич на службено куче во Македонија. 

Нејзината партнерка, седуммесечната Ада која е од расата белгиски овчар, позната како Малиноа, ќе има задача да открива оружје и минуција. Тениското топче кое за многу домашни кучиња е само предмет за игра, за Ада е буквално целиот живот. 

Ова тениско топче е нејзиниот учебник, а во иднина преку него ќе добива команди и задачи и со најголема прецизност ќе открива скриени оружје и муниција.

Кристина и Ада работат 12 часа дневно. 

- Правиме вежбовни активности со службените кучиња. Излегуваме надвор од единицата, исто правиме активности вежбовни. Работиме со кучињата, социјализација, фимилизација, послушност, вели Шикова. 

Кога Ада пристигнала во единицата, веднаш и била доделена на Кристина. Нејзиниот темперамент е предизвик, но поради љубовта кон животните времето поминато со четириножната партнерка воопшто не го гледа како работа.

- Ми беше предизвик малку бидејќи е белгиски овчар, Малиноа бидејќи тие се потемпераментна раса, побрзи кучиња, премногу паметни морам да признаам. Супер се вклопивме, супер ни е работењето, обуката ни се одвива супер, вели Шикова. 

Желбата да работи со животни ја имала уште од дете. Станала полициски службеник во општа полициска станица, но кога се појавила шанса веднаш се пријавила во Единицата за службени кучиња.

- Преубаво е чувството да сум дел од единицата. Се восхитував на нивниот темперамент, храброст и непоколбливост. 

Вели, колегите од Единицата и се најголема поддршка.

- Да ви кажам искрено, пред се, не се надевав дека ќе бидам вака супер прифатена од колегите. Значи имам целосна поддршка од нив, вели Шикова. 

К9 единиците во развиените држави добиваат многу повеќе ресурси и финасии отколку кај нас. Интересно е што во државите како Австрија и Германија, водичи на службени кучиња генерално се жени. Женската смиреност и трпеливост ја гледаат како предност и поради тоа тамошните власти предност им даваат нив за работа со кучиња. 

На жените полицајки во Македонија очигледно поголем предизвик им се специјалните единици. Според податоците од МВР, во најелитните единици, Тигар и ЕБР 5,5% од припадниците се жени. 

Во цело МВР нивната процентуална застапеност е 21,5%.

05.03.2024 - 21:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега