Грчките државни медиуми најавуаат победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите
Северна Македонија се движи во предизборен ритам во пресрет на претседателските избори, чиј прв круг ќе се одржи на 24 април, како и парламентарните избори кои ќе се одржат на 8 мај и ќе се совпаднат со вториот круг од претседателските избори, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, во текстот посветен на изборите кај нас, јави дописничката на МИА од Атина.
АНА-МПА објаснува дека во текот на викендот, двете најголеми партии во земјата, „владејачката Социјалдемократска партија (СДСМ) и десничарската опозициска ВМРО-ДПМНЕ ги избраа своите претседателски кандидати“, но и дека поднесени се вкупно седум кандидатури.
Посочува дека кандидат на СДСМ повторно ќе биде актуелниот претседател Стево Пендаровски, на ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе биде пратеничката Гордана Силјановска, а меѓу кандидатите се и министерот за надворешни работи Бујар Османи, „како кандидат на најголемата албанска партија и коалиционен партнер во Владата ДУИ, како и популарниот градоначалник на Куманово (втора по население општина во Северна Македонија), Максим Димитриевски“.
-Се смета за речиси сигурно дека кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силијановска ќе влезе во вториот круг од претседателските избори со најверојатен противкандидат Стево Пендаровски, пишува грчката новинска агенција.
Во однос на парламентарните избори, АНА-МПА пишува дека „речиси според сите истражувања на јавното мислење ВМРО-ДПМНЕ е во предност пред владејачката СДСМ и тоа со голема разлика.
Текстот од државната новинска агенција го презедоа голем дел од онлајн изданијата на грчките медиуми.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа