Битиќи: Секое нелогично зголемување на производите во маркетите ќе биде санкционирано
Од задутре нема повеќе гарантирани цени на производите во маркетите.
Но вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи порача дека секое нелогично зголемување на производите, кое ќе биде надвор од пазарната логика, ќе биде санкционирано.
„Доколку не се донесе законот за нефер трговски практики соодветно ќе реагираме. Секое нелогично зголемување на цените, кое ќе биде надвор од пазарната логика, ќе биде санкционирано, што тоа ќе значи, знаеме од минатото“, кажа Битиќи.
Тој оценува дека конечно, лекцијата кај трговците е научена.
„Ние сметаме дека конечно лекцијата е добиена, дека во државата освен правење на бизнис и креирање на профит мора да има морал и етика кај компаниите. Сметам дека замрзнувањето на цената не е една од мерките која што соодветсвува со пазарната економија, оценувам дека треба да се вратиме во нормалните текови на живеење а на бизнисмените им останува соодветно да се однесуваат. Тоа нема да значи дека еве ако во Собранието нема разум за носењето на Законот за нефер трговски практики дека ние нема да реагираме“, кажа Битиќи.
Според него, конечно е дојдено времето секоја една институција соодветно да реагира.
„Не можеме да бараме одговорност од тие што не се повикани. Комисијата за заштита од конкурентност како и Здружението за заштита на потрошувачите се најповиканите кои треба да реагираат секогаш кога имаме вакви случувања. Секако ние како Влада дадодвме еден предлог, тој е во собраниска процедура а тоа е законот за нефер трговски практики кој не знам зошто не е изгласан“, истакна вицепремиерот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа