Собранискиот спикер на средба со германската амбасадорка: Со германска поддршка чекориме кон ЕУ
Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска имаше средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер. На средбата присуствуваа и Доминик Кеберлинг, раководител на Одделот за култура и стипендии во германската амбасада и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.
Како што соопшти Собранието, упатувајќи му честитки за изборот на функцијата, амбасадорката Дрекслер ја повтори континуираната и несмалена поддршка на Германија на нашата земја, вклучително и на германскиот Бундестаг на патот кон ЕУ.
- Особено беше поздравена интензивираната парламентарна соработка на сите нивоа и размената на искуства и експертиза меѓу пратениците и службите од двата парламента. На средбата, беше пројавен интерес за преостанатите обврски на Собранието до завршувањето на овој парламентарен мандат, се наведува во соопштението од Собранието.
Митрески се заблагодарил за честитките, повторно изразувајќи особена благодарност на германската држава и народ за изгласаната резолуција во Бундестагот, со која се оддава почит на посебноста на македонскиот народ, јазик и култура.
-На денот на мајчиниот јазик, 21 февруари, овој чин за нас претставува уште една потврда за прифаќањето на различностите и единственоста на секој народ, кое не треба да биде негирано ниту во Европа, ниту во светот, се посочува во соопштението.
Во однос на парламентарната соработка, Митрески ја издвои соработката за независно полициско обезбедување со Бундестагот и практиките кои германските експерти ги споделуваат со нас за заокружување на овој процес. Истиот е значаен од многу аспекти, но се издвојува заради концептот на целосно издвојување на Собранието како законодавна власт, вклучително и на ниво на независна администрација и на ниво на финансиска самостојност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа