Гир за М-НАВ: Назначувањата да се прават по заслуга, а не според припадност на партија, властите да ги истражат тврдењата за политички влијанија
Коментирајќи ги последните случувања во М-НАВ, евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека европските ставови за случувањата во јавните институции се многу јасни. Порача дека е важно назначувањата да се прават врз основа на заслуга, што би значело квалификација, вештини, искуства, неприпадност на партија или некои лични врски.
Јасно е, рече Гир, дека постојат обврски кога станува збор за воздушната навигација и обврските кон ЕУ во поглед на нивното имплементирање.
„Тука се вклучува гарантирањето на независноста на телото што е одговорно за воздухопловната навигација, а второто се однесува во поглед на регрутирањето и ангажирањето дека се исполнети правните прашања и дека човечките ресурси се користат на начин што ќе ги гарантира безбедноста и ефикасноста на самата служба за навигација.
Кога станува збор за разните тврдења во поглед на надворешните политички влијанија, ги повикуваме властите да ги истражат и да дејствуваат. Кога станува збор за тврдењата во поглед на влегувањето во зградата, заканите и насилството, тоа се прашања што треба да бидат истражени и доколку постои загриженост, треба да се реагира за тоа“, порача евроамбасадорот.
На прашањето како ја коментира одлуката на судот да не им се даде притвор на сторителите во случајот со М-НАВ, Гир одговори дека нема обичај да коментира одлуки на суд, но потсети дека јасно е кажано кои се обврските, односно гаранцијата на заштитата на овој и на системите од критичната инфраструктура.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа