Меџити: Ме гушат костумот и вратоврската
Крајно време е Обвинителството да излезе со име и презиме за случајот „Онкологија“, повторно посочи министерот за здравство Фатмир Меџити при посетата на Клиниката за неврологија.
– Повикувам уште еднаш, апелирам за случајот со Клиниката за онкологија, крајно време е Обвинителството да излезе со точно име и презиме, зашто овој костум и оваа вратоврска ме гушат – порача Меџити и дополни дека во овие осум месеци откако е министер, работите во здравството се менуваат и се средуваат, иако костумот и вратоврската го гушат и најубаво се чувствува во бел мантил.
Министерот Меџити, на вчерашната промоција на новата медицинска опрема и на реновираните специјалистичко-консултативни амбуланти на Клиниката за неврологија, која е негова матична клиника, оцени дека секој ден треба да гасат новонастанати жаришта во здравството и дека веќе почнале работите да се средуваат и да напредуваат.
Меџити, меѓу другото, најави и набавка на нова магнетна резонанца на Клиниката за неврологија и целосно реновирање на ургентниот интернистички центар со тријажа.
– Ќе почне да се реновира во целост ургентниот интернистички центар со тријажа и веќе нема пациентите да талкаат по ходниците. Јас и моите колеги невролози знаеме точно дека пациентите талкаат од една до друга клиника. Сега ќе доаѓаат на едно место и таму ќе се третираат – објасни министерот и најави дека ќе има и нова магнетна резонанца, особено за Клиниката за неврологија и дека за брзо ќе го распишат тендерот.
Меџити кажа дека новина е што Клиниката за кожни болести ќе премине во Клиниката за неврофизиологија.
– Клиниката ќе биде во целост адаптирана и реновирана за услови за Клиниката за кожно, а Клиниката на неврофизиологија ќе дојде на местото на Клиниката на кожно и така постепено сите тие ќе бидат реновирани. Но верувајте, целиот тим работиме заедно за овие работи еднаш засекогаш да се решат – изјави Меџити.
Во однос на набавката на нова магнетна резонанца, информира дека во моментот се прават подготовките и дека во скоро време ќе биде објавен тендер.
– Тоа е процес што бара посветеност, бидејќи за да ја набавите таа апаратура, потребни се и услови – објасни ресорниот министер Меџити и потсети за примерот со штипската болница, некој во минатото набавил апаратура, а нема услови каде да се постави таа.
Меџити, инаку, генерално е задоволен од сработеното додека тој е во министерската соба. Според него, за овие осум месеци, многу нешта се смениле во здравството на позитивно.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа