Ковачевски за патот Кичево – Охрид: Проектанти со свлечишта се исти како сметководители со погрешни завршни сметки

 

Покрај ревизијата на проектот за патот Кичево – Охрид, која е веќе почната во Јавното претпријатие за државни патишта, премиерот Димитар Ковачевски смета дека одговорноста за десетгодишното градење  треба да се бара и кај проектантите. Тој денес, за да укаже на одговорноста, проектантите ги спореди со книговодители.

„Одговорни за проектирање на автопатот се проектантски куќи, имаат име и презиме, лиценци и одговорност. Врз основа на проектите договорната страна прифатила дека автопатот ќе го изгради до крајот на 2023 година. Сега треба да направиме анализа зошто не е завршено, зошто се доцни, дали проектите биле квалитетно направени, дали оние што проектирале ги заслужуваат лиценците за оваа работа. За книговодител што ги промашува завршните сметки на компанијата се поставува прашањето дали ја заслужува лиценцата да биде овластен сметководител. Исто е и кај проектантите. Ако постојано имате проекти во кои се појавуваат нови и нови свлечишта, а сигурно дека ако имате свлечиште не може да направите автопат кој е функционален бидејќи по три дена ќе биде затрупан со земја, сето тоа треба да се анализира“, рече премиерот Ковачевски.

И денес тој зборуваше дека се појавиле 11 нови свлечишта на патот Кичево – Охрид, кои не дозволуваат да заврши неговата изградба. Патот чини 600 милиони евра за кои Ковачевски вели дека не се фрлени во контејнер оти 75 % е веќе изграден,  проблемите се појавиле поради тоа што проектирањето и репроектирањето не биле направени на квалитетен начин, па патот се гради 10 години.

За проектирањето од 2014 година наваму задолжен е Градежниот институт на Македонија, кој ги наследи и требаше да ги подобри старите проекти за патот Кичево – Охрид, а заедно со нив се и низа институции што ги одобриле проектите што се изведуваат.

Последната одлука за договорот со кинескиот изведувач „Синохидро“ ќе ја донесе Собранието оти тоа со закон ја задолжи Владата да работи на патот со тој изведувач.

Во меѓувреме, Ковачевски извести и дека експерт на ФИДИК (Меѓународна федерација на консултантските инженери) треба да ги утврди ефектите од евентуално раскинување на договорот со истиот изведувач во врска со можните финансиски импликации на Арбитражниот суд, но и какви би биле ефектите доколку се продолжи со кинескиот изведувач.

07.11.2023 - 16:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега