Професорите на ФОН се жалат дека не добиле плата од јули: „Изложени сме на финансиски тешкотии и нехуман третман“

Професорите и вработените на Универзитетот АУЕ-ФОН, во отворено писмо до јавноста, УЈП, Министерството за образование и со инспекторите информираат дека континуирано не им се исплаќани платите, а вработени постојано си заминуваат.

Велат дека последната исплатена плата на Универзитетот е за јули 2023 година, а следува по речиси 5 неисплатени плати за претходниот период од оваа година.

„Ова продолжено неисплатување на платите (кое трае во континуитет неколку години) предизвикува огромни финансиски тешкотии и психички нарушувања помеѓу нашите вработени. Платите на сите им беа сведени на апсолутен минималец за време на пандемијата, а профитот што го оствари Универзитетот беше пренасочен кон странски инвеститори, кои, како што магично се појавија, така уште помагично ги снема. Уште поалармантен е нехуманиот третман на кој беа изложени некои од вработените во овој период. Универзитетскиот менаџмент во континуитет применува тактики на внесување раздор, притисоци за откажување од работна позиција и префрлање на договор на дело, кои ги оставија нашите колеги во состојба на постојана вознемиреност. Заканите за раскинување на договорот се особено насочени кон оние што се осмелуваат да зборуваат за внатрешните проблеми на Универзитетот поттикнувајќи клима на страв и тишина“, велат професорите во писмото.

Покрај тоа, како што се додава, менаџментот на Универзитетот АУЕ-ФОН постојано не успева да обезбеди соодветно медицинско осигурување на своите вработени. Овој пропуст во обезбедувањето соодветна здравствена покриеност, велат професорите, резултирал со одложени дијагнози и хронични здравствени проблеми за многу од колегите, што претставува тешко кршење на нивните основни права на здравје и благосостојба.

Вработените, дополнително, во писмото изразуваат и сомнеж дека Универзитетот поседува ресурси што не се распределуваат за заслужените плати. Наместо тоа, се додава во писмото, се чини дека овие ресурси се пренасочени за да се финансираат екстравагантните животни стилови на раководството и неколку избрани поединци во рамките на Универзитетот, но и чудни бизнис-договори од кои наставно-научниот процес нема никаква придобивка, а најмала придобивка имаат нашите ценети студенти.

„Бараме транспарентност, одговорност и правда. Ништо помалку не заслужуваат професорите на Универзитетот АУЕ-ФОН, како и посветените вработени, кои неуморно придонесуваат во неговата мисија. Ние постоиме и работиме за нашите студенти, но не и за бизнис-интересите на малкумина, кои го имаат окупирано Универзитетот со години“, се додава во писмото.

„Макфакс“ побара одговори од Универзитетот ФОН на што се должи неисплаќањето на платите, од каде што добивме потврда дека го добиле имејлот, но засега нема одговор.

01.11.2023 - 17:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега