Спасовски: Годинава откриени 78 кривични дела поврзани со корупција

САД се еден од најголемите стратешки партнери на Северна Македонија, меѓутоа и кога зборуваме од аспект на МВР, секако дека САД, исто така, се едни од најголемите партнери коишто работат заедно со МВР во градењето на нашите капацитети. Вложувањето во борбата против корупција и организиран криминал е, секако, вложување што е и најголем приоритет на МВР, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за „Гласот на Америка“.

Прашан за борбата против корупцијата, Спасовски рече дека таа е присутна во секое општество. 

- Оваа борба, за жал, е присутна во секое општество и таа борба не е ни малку лесна ако ја погледнеме - да беше лесна немаше да вреди. Секако дека борбата вреди, а со задоволство можам да кажам дека имаме напредок во овој случај. Токму заради тоа американскиот претседател Рузвелт ќе рече „Ако е лесна било која борба таа нема да вреди“, рече министерот Спасовски.

Тој сподели статистички податоци кои укажуваат на позитивните резултати во борбата на МВР против корупцијата.

- 2021 година ја завршивме со зголемување од 50 отсто на откривачката функција на полицијата за кривични дела поврзани со корупција и спречени коруптивни дејствија во вредност од 149 милиони денари. Во 2022 година, откриени се 124 коруптивни кривични дела, пријавени се околу 164 сторители за корупција, притоа имаме 158 физички лица, шест правни лица и причинетата материјална штета е некаде околу 227 милиони денари, изјави Спасовски. 

Министерот за внатрешни работи информира дека во текот на првите девет месеци од 2023 година откриени се 78 кривични дела со 124 сторители, од кои што 120 се физички, а четири се правни лица.

- Притоа е сузбиена организирана криминална група, а причинетата материјална штета е околу 150 милиони денари, истакна министерот Спасовски.

Ја потенцира неселективноста во постапувањето, односно дека не се поштедени ниту актуелни ниту поранешни функционери, градоначалници, директори на правни лица, на јавни претпријатија, вработени во институциите, меѓу кои и вработени и во МВР и во Армијата.

- Нема селективност во оваа битка. Оваа битка е спрема сите, секој еден кој што се занимава со корупција, со организиран криминал и генерално со криминал, мора да сноси одговорност и во тој дел апсолутно сметам дека и приоритетите на САД, како наш стратешки партнер, практично и ние - имаме една заедничка цел, а тоа е битката против корупцијата и на тој начин да покажеме и на граѓаните и да им стане јасно дека сите мерки и активности кои што ги правиме, ги правиме токму заради граѓаните. За тоа е секогаш потребно време, рече Спасовски. 

Според него, ниту една промена не може да се случи преку ноќ, ниту да се постигнат посакуваните резултати, но дејствувањата на МВР, на Обвинителството, сите активности што се преземаат во рамки на активностите за спречување на корупција ја подигнуваат јавната свест и ја градат довербата во институциите на системот.

- Затоа што најголемата пречка за развојот на едно општество е токму корупцијата. Таа ги јаде и новите инвестиции, корупцијата ги јаде и работните места, а најмногу ја поткопува довербата во системот, истакна министерот Спасовски. 

21.10.2023 - 20:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега