Општина Аеродром се вклучува во кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“

 

Општина Аеродром со осумте основни училишта се вклучува во општествено-одговорната и едукативна кампања на „Макпетрол“, „Крени глас против врсничкото насилство“. Учениците, но и родителите, ќе добијат едукативен материјал преку кој што ќе можат подобро да се запознаат со проблемот со булингот и неговите различни форми, а во секое од училиштата ќе се одржи и работилница на темата. За успешна реализација на овие активности „Макпетрол“ и Општина Аеродром вчера потпишаа меморандум за соработка.

„На мое големо задоволство, вчера потпишавме меморандум за соработка со „Макпетрол“, со кој Општина Аеродром и сите 8 основни училишта на нашата територија се вклучуваат во кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“. Само со заеднички ангажман можеме да ги охрабриме и поттикнеме младите да бидат одговорни граѓаните, да промовираат емпатија,  разбирање и поддршка, а училиштата да бидат место за дебата, а не насилство“, истакна градоначалникот Муцунски.

Ученици, наставници, како и претставници на стручните служби ќе учествуваат во работилници преку кои што ќе се споделат знаења и искуства кои што би можеле да ја подобрат ситуацијата и да придонесат во решавање на проблемот со врсничкото насилство. Работилниците ќе се одржат во „Лазо Ангеловски“, „Љубен Лапе“, „Александар Македонски“, „Блаже Конески“, „Браќа Миладиновци“, „Ѓорѓија Пулевски“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Македонски“.

„Врсничкото насилство е проблем од огромни размери што може да предизвика последици за сегашните, но особено, за идните генерации. Целта на нашата кампања, како и на активностите што се дел од неа, како работилниците, е да ги пренесе ваквите знаења и искуства и тие да им дадат поддршка на тие на кои што им е најпотребна“, истакна Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“.

20.10.2023 - 11:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега