Невиден пад на стандардот во Германија, цените на храната експлодираат, се враќа стравот во Европа, оценуваат аналитичарите

 

 

Голем е стравот дека историјата во најголемата европска економија ќе се повтори, велат познавачите.

Зголемените трошоци за енергија и за живот помогнаа да се активира рецесијата, која ги откри економските слабости во Германија. Во меѓувреме, зголемената нееднаквост меѓу луѓето го поттикнува повторното оживување на екстремно десничарските политички сили во земјата.

По врвот на 11,6 отсто во октомври минатата година, инфлацијата во најголемата европска економија би можела да се намали до 6,4 отсто овој месец, според истражувањето на „Блумберг“ и на аналитичарите. Но, растот на цените на сите производи, од бензин до путер, како и енормното зголемување на каматите, се болни и упатува на тоа дека историјата ќе се повтори.

Традиционалната аверзија на Германците кон инфлацијата, вкоренета во тешкото искушение од 20-тите, оживеа минатата година по малото намалување во претходниот период, покажаа анкетите.

Како и пред еден век, економските тешкотии што следуваа се покажаа како плодна почва за популизам. Поддршката за германската АфД се искачи на рекордно високо ниво во последните месеци позиционирајќи ја крајнодесничарската партија пред централнолевичарските социјалдемократи (СПД) на канцеларот Олаф Шолц.

Според Марсел Фрацшер, кој го предводи истражувачкиот институт DIW, симпатизерите на АФД се особено незадоволни од своите животи и од економијата. Бидејќи германското производство стагнира, работите би можеле да станат уште полоши, велат аналитичарите.

За сиромашните, скокот на инфлацијата беше особено изразен во трошоците за храна, кои сочинуваат поголем дел од нивните трошоци за разлика од побогатите домаќинства.

Во Франкфурт, банката за храна „Франкфуртер тафел“, беше сведок на катастрофата од прва рака. „Еднаш остана само еден кромид и три моркови, а чекаа четири семејства, кои потоа почнаа да се караат за сè“, рече портпаролката Нилаб Алокузај-Кисингер, гледајќи во празните полици на магацинот.

Инфлацијата би можела дополнително да се забави, но цените веројатно нема да паднат. „Постои разбирање дека вкупната инфлација се намалува“, изјави претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел, за „ТВ Блумберг“ минатата недела. „Често е случај кога е потребно повеќе време за да се намали базичната инфлација. Тоа би можело да биде можно сценарио. Но, треба да почекаме за септемвриските бројки“, додава тој.

Во исто време владата ги намалува мерките за поддршка, кои им помогнаа на граѓаните да ги задржат сметките за парно со пониски цени откога војната во Украина ги зголеми цените на енергијата.

Шолц е оптимист дека инфлацијата може да се надмине оценувајќи ја Германија како „совршено способна да ги надмине проблемите на новото време“. Иницијативите вклучуваат брза инсталација на терминали за течен природен гас за да се намалат трошоците за енергија и инвестиции во зелена транзиција за да се задржи електричната енергија евтина за индустрискиот сектор, кој претходно стана зависен од евтиниот гас од Русија.

Канцеларот за подемот на АфД изјави: „Нема да можеме да избегнеме да заземеме став и да кажеме дека ги браниме демократијата и слободата што ги постигнавме“, рече Шолц претходно овој месец.

Во музејот во Франкфурт посетителите учат за опасностите од печатењето пари, а меѓу нив е и Клаус Мур, пензионер кој дома чува кутија со милиони обезвреднети марки на својот дедо. „Се надевам дека овој пат нема да биде така“, вели тој.

29.08.2023 - 22:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега