Путин: Русија и африканските земји ќе се борат против неоколонијализмот

 

 

Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави денеска, на последниот ден од руско-африканскиот самит во Санкт Петербург, дека Москва и земјите од континентот се обврзале да промовираат мултиполарен светски поредок и да се борат против неоколонијализмот.

„Потврдена е посветеноста на сите наши земји за формирање на праведен и демократски мултиполарен светски поредок (…)“, рече Путин во својот последен говор, споменувајќи ја „заедничката одлучност во борбата против неоколонијализмот“ и, како што изјави, незаконското воведување на санкции.

Москва, изолирана на меѓународната сцена по почетокот на воената офанзива во Украина во 2022 година, вчера и денеска го организираше вториот руско-африкански самит, на кој присуствуваа делегации од 49 африкански земји, меѓу кои и 17 претседатели на држави.

По средбата беше прифатена заедничка изјава со која се предвидува поблиска соработка во областа на снабдувањето со храна, енергијата и развојната помош. Таа повикува на „воспоставување на поправеден, поурамнотежен и одржлив мултиполарен светски поредок, со решително противење на каква било форма на меѓународен конфликт на африканскиот континент“, се вели во текстот објавен на веб-страницата на Кремљ.

Текстот, исто така, предвидува дека Москва ќе им помогне на африканските земји да „добијат компензација за економската и хуманитарната штета што им ја нанесе колонијалната политика“ на Западот и за „враќањето на украдените културни добра“. Путин додаде дека во текот на вечерта ќе разговара и за ситуацијата во Украина со „заинтересираните африкански земји“.

Русија спроведува политика на зближување со Африка

„Претставниците на африканските земји покажаа политичка волја, независност и вистински интерес за развој на соработката со нашата земја“, рече тој.

Според него, руско-африканскиот самит во иднина ќе се одржува на секои три години и ќе биде воспоставен „механизам на партнерство и дијалог за безбедносните прашања“, вклучително и борбата против тероризмот, безбедноста на храната и климатските промени.

„Разговараме и за тоа како систематски да се префрлиме на националните валути, вклучително и рубљата, во финансиското регулирање на трговијата“ меѓу Русија и Африка, додаде тој.

Само вчера Путин вети бесплатна испорака на жито во шест африкански земји во наредните месеци, поради загриженоста поради повлекувањето на Москва од договорот за извоз на украински земјоделски производи.

Русија пред неколку години почна да спроведува политика на зближување со Африка, меѓу другото, преку услугите на паравоената група Вагнер, претставувајќи се како тврдина против западниот „империјализам“ и „неоколонијализам“.

28.07.2023 - 22:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега