Одбележани 20 години од дипломатските односи меѓу Македонија и Тирана

Во Тирана се одбележаа 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Албанија. 

- Односите меѓу Република Македонија и Република Албанија во изминатите дваесет години постојано се продлабочуваат и никогаш не биле подобри, а целта на двете земји е влезот во европското семејство. Меѓу предизвиците останува почитувањето на правата на етничките заедници, на македонската во Албанија и на албанската во Македонија, заклучуваат актуелни и поранешни политичари од двете земји на синоќешниот прием во Тирана на одбележувањетона 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, јавува МИА.

На приемот, организиран од македонската амбасада во Тирана, присуствуваа претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељановски,  кој е во официјална посета на Албанија, неговиот албански колега Илир Мета, актулениот министер за надворешни работи на Албанија Дитмир Бушати, поранешниот претседател на Албанија Бамир Топи, други поранешни фунцкионери во албанската влада, претставници на дипломатскиот кор и на здруженијата и партиите на Македонците во оваа земја. 

- Месецов се навршуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Албнија што е одличен повод да се потсетиме на сработеното и постигнатото, но и да изразиме подготвеност за дополнителното унапредување на севкупните односи меѓу двете држави со особено уважување и почитување, истакна во пригодното обраќање Вељаноски. 

Поранешниот претседател на Албанија Бамир Топи оцени дека односите меѓу двете земји се сметаат како одлични. - Ова сум имал прилика да го констатирам чекор по чекор, било како претседател на државата, било како политичар. Убеден сум дека овие односи се традиционални и дека Македонија и Албанија еден ден ќе бидат дел од европското семјество и евроатланските структури, вели Топи. Овие односи и негови познанства што ги стекнал со политичари од Македонија, посочува тој, се многу човечки и ослободени од предрасудите кои што сме ги имале во минатото.   

Односите меѓу двете земји за поранешниот албански министер за надворешни работи Паскал Мило никогаш не биле подобри во овие дваесет години, меѓутоа секогаш има простор тие да бидат уште подобри. -Односите можат да се подбрат во сите области. Немаме отворени прашања. Единствено нешто што е на агендата на Албанија е прашањето на почитување на албанската заедница во Македонија, и целосно спроведување на Рамковниот договор, рече Мило. Јас сум, додаде тој, за почитување на меѓуетничките односи и на заедниците, и на македонската и на албанската. -Почитување на меѓуетничките односи всушност ќе биде најдобрата работа што може да се направи за двете земји, смета Мило. 

Пратеникот од македонското Собрание Неџати Јакупи, кој беше дел од парламентарната делагација што го придружуваше Вељаноски на официјалната посета во Тирана, изјави дека дипломатските односи меѓу двете земји секогаш биле во прогрес. -Сега веќе преминуваат во еден друг вид на односи, а тоа е во рамките на регионалната соработка, рече Јакупи. Она што е најважно, според него, е што Македонија има уште еден партнер во НАТО, а Албанија има партнер во однос на евроинтегративните процеси. – Ние можеме да и бидеме од помош на Албанија за да може да ги исполни сите оние критериуми кои сам по себе ги влече кандидатскиот статус, рече Јакупи. 

13.12.2013 - 10:04
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега