Општина Аеродром: Град Скопје и „Комунална Хигиена“ итно да изнајдат решение за собирање на сметот во Аеродром
Општина Аеродром бара од Град Скопје и Комунална Хигиена веднаш да го решат проблемот и да почнат да го собираат сметот во општината.
-Обврска и одговорност на секој менаџер, вклучително на директорите на јавните претпријатија и градоначалникот на Град Скопје е да воспостават и одржуваат систем за соодветно менаџирање на ресурсите со кои располагаат и на таков начин да обезбедат квалитетна услуга за граѓаните. Чистотата, јавната хигиена и одржување на здрава животна средина е јавен интерес од кој сите имаме бенефит, велат од општината.
Според Аеродром, делот на хигиената во Скопје кој е во надлежност на градските служби подолг временски период е во лоша состојба, а како што велат, изминатите неколку денови, за жал градското јавно претпријатие „Комунална хигиена“ не успеа да најде начин како да го менаџира системот на одржување на чистата животна средина.
-Насекаде гледаме полни контејнери, а сите ние, граѓаните ја трпиме штетата од, неумесното и неодговорно менаџирање со јавното претпријатие. Преполните контејнери смет и лошиот мирис кој се шири во општината е одговорност на Градот Скопје и Јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Граѓаните одговорно и навремено ја плаќаат комунална такса и тие заслужуваат чиста и средена општина. Токму поради тоа апелираме до надлежните, да ја тргнат политиката на страна и итно да изнајдат соодветно решение за собирање на сметот во општина Аеродром, се вели во дописот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа