Франција на раб на вонредна состојба

 

 

Според последниот извештај на француското МВР, билансот од четвртата ноќ на немири низ Франција е 994 апсења, повредени се 79 полицајци, а нападнати се 31 полициска станица и 11 касарни на жандармеријата.

Како што јави БФМ ТВ, опожарени се 1.350 возила и 234 објекти.

Немирите и судирите со полицијата се случија откако во вторникот полицаец уби 17-годишник.

Управниот суд потврди дека во петокот е воведен полициски час во „жешкото“ париско предградие Кламар, како и дека постои можност слични мерки да се воведат и во други општини.

Секретарот на регионалниот полициски синдикат на Алијансата во Марсеј, Руди Мана, синоќешните немири ги опиша како „герилски сцени“.

„Резултатите од ноќта може да се сумираат во еден збор: апокалиптично. Имавме сцени од герилски борби во центарот на Марсеј, северните квартови исто така беа погодени од грабежи, палење возила“, рече Мана.

Тој додаде дека полицајците „се во состојба на неверојатна физичка и психичка исцрпеност“.

Министерот за внатрешни работи Џералд Дерманин во петок најави мобилизација на 45.000 полицајци.

Полициското убиство на 17-годишникот, кој беше идентификуван само како Нахел, предизвика бран незадоволство и протести кои се претворија во судири со полицијата ширум Франција.

Демонстрантите запалија објекти и возила и ограбуваа продавници, а насилството го втурна претседателот Емануел Макрон во неговата најтешка криза од протестите на жолтите елеци кои започнаа во 2018 година.

Смртта на тинејџерот, снимена на видео, предизвика бес во сиромашните и расно мешаните урбани заедници поради полициската бруталност и расизмот.

Снимките на социјалните мрежи покажуваат експлозија што го потресува старото пристаниште Марсеј. Градските власти соопштија дека ја истражуваат причината, но веруваат дека нема жртви.

Демонстрантите ограбија продавница за оружје во центарот на Марсеј и украдоа неколку ловечки пушки, но без муниција, соопшти полицијата. Едно лице е уапсено со пушка, најверојатно од продавница, соопшти полицијата која сега го обезбедува дуќанот.

Тројца полицајци се полесно повредени во саботата наутро.

Во Лион, третиот по големина град во Франција, полициските сили на жандармеријата распоредија оклопни транспортери и хеликоптер за да ги смират немирите.

На прашањето на главниот вечерен ТВ дневен весник TF1 дали владата може да прогласи вонредна состојба, Дарманин рече: „Едноставно не исклучуваме никаква можност и ќе видиме што ќе избере претседателот на Републиката“.

Во Париз синоќа полицијата ги растера демонстрантите од централниот плоштад. Повеќе од 200 полицајци се повредени од избувнувањето на немирите, а стотици демонстранти се уапсени, рече Дарманин, додавајќи дека нивната просечна возраст е 17 години. Од почетокот на немирите, бунтовниците ограбија десетици продавници и запалија околу 2.000 возила.

01.07.2023 - 10:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега