Бројот на загинати во Краматорск се зголеми на 11, во рускиот напад загинаа и три деца
Бројот на загинати во рускиот ракетен напад кој погоди преполна пицерија во Краматорск, источна Украина, се искачи на 11.
Две 14-годишни сестри близначки и 17-годишен тинејџер се меѓу жртвите, додека 56 лица се ранети, објавија локалните власти, пренесува Ројтерс.
Официјални лица изјавија дека во нападот биле оштетени 18 високи згради, 65 куќи, пет училишта, две детски градинки, трговски центар, административна зграда и зграда за рекреација.
Коментирајќи ги наводите на Киев, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека Русија не е насочена кон цивилната инфраструктура во Украина.
„Русија не ја таргетираше цивилната инфраструктура, нападите беа извршени врз објекти кои некако се поврзани со воената инфраструктура“, рече Песков, пренесува ТАСС.
Краматорск е град на линијата на фронтот каде се наоѓа регионалниот штаб на украинската армија, а пицеријата која беше погодена ја посетиле новинари, хуманитарни работници, војници и локални жители.
Градот се наоѓа во Доњецк, една од четирите украински провинции кои Русија ги анектираше минатиот септември, но не ги контролира целосно.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа