Во Јужна Кореја предложен закон за изедначување на истополовите бракови
Предлог-законот за истополови бракови, инициран од пратеници од неколку партии, активистите во Јужна Кореја го оценија како историски момент во борбата за еднаквост.
Пратениците во Јужна Кореја го предложија првиот закон за истополови бракови во земјата – потег што граѓанските организации го поздравија како одлучувачки момент во борбата за еднаквост, пишува денеска „Гардијан“.
Законот, најверојатно, нема да биде усвоен, но тој е дел од пакетот од три нацрт-закони, кои се очекува да го зголемат притисокот врз владата и да ја прошират идејата за семејство надвор од традиционалните критериуми, пишува британскиот весник.
Другите два закона се однесуваат на граѓански здруженија и ин витро оплодување за немажените жени.
Јужна Кореја не признава граѓански истополови партнерства.
На претходните напори да им се дадат законски права на истополовите парови се спротивставија религиозните организации, кои тврдат дека таквите потези ќе ја легализираат хомосексуалноста.
Додека Јужна Кореја се соочува со претстојна демографска криза, вклучително и светски рекордно ниска стапка на наталитет, сè погласни се повиците за редефинирање на концептот на семејство, пишува „Гардијан“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа