Лекарите ќе им помагаат на пациентите да умрат: Португалија усвои закон за евтаназија

 

Португалскиот парламент ја легализираше евтаназијата за луѓето кои боледуваат од неизлечива болест и трпат неподносливи болки, пренесува лондонски „Тајмс“. Ова е четврти пат како парламентот одобрува евтаназија, откако претседателот стави вето претходните три пати.

Законот беше усвоен со 129 гласови за, 81 против и еден воздржан. За разлика од претходните гласања, овојпат пратениците одлучија да го игнорираат политичкото вето на претседателот, оценувајќи дека за евтаназијата се расправаше долго време и дека законот е изменет.
„Дојде време да се почитува гласот на мнозинството во парламентот“, изјави пратеничката Изабел Мореира.

Дебатата за евтаназија ја подели претежно католичката земја и наиде на силно противење од претседателот Ребело де Соуза.

Според новиот закон, секој над 18 години ќе може да добие помош за умирање доколку долго трпи неподнослива болка, под услов да е ментално способен да донесе таква одлука.

Само португалските државјани и регистрираните жители се опфатени со новиот закон, додека странците нема да можат да доаѓаат во Португалија и да бараат евтаназија.

Претседателот сега има една недела да го потпише новиот закон, кој би можел да стапи на сила до есен.
Евтаназијата е легална во неколку земји, вклучувајќи ги Шпанија и земјите од Бенелукс.

13.05.2023 - 10:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега